Дури 151 од вкупно 276 паралелки во основните и средните училишта во Велес годинава имаат помал број ученици од законски пропишаните 24. Ова е највисока бројка досега, откако лани беа 112.
Во средните училишта има 55, а во основните 96 паралелки со недоволен број ученици. Градоначалникот Коцевски лани во овој период тврдеше дека за него е неприфатливо да има настава во клас со осум-девет ученици и тогаш остро се противеше на ваквата уписна политика. Годинава, пак, состојбата е уште полоша, има паралелки и со само двајца ученици.
„Годинава бев ‘разоружен‘, бидејќи Министерството за образование, на мое големо изненадување, експресно даде согласност за основање паралелки со помал број ученици. Беше беспредметно јас да не ги потпишувам решенијата на Советот, да не ги објавувам во Службен гласник, па тие повторно да ги гласаат. Што се случи годинава, па Министерството ги поддржа, не ми е јасно. Мислам дека тоа е штетна политика. Тој начин на образование со помал број ученици од законски пропишаните е многу скап и нерационален. Многу пари ќе се заштедеа“, кажа Коцевски.
Тој посочи пример, без да го именува училиштето, каде што во седмо и осмо одделение имало паралелки со по двајца ученици, иако Законот дозволувал од 6. до 9. одделение да има комбинирани паралелки. Најлоша состојба од средните училиште е во Економското, каде што од 18 паралелки, 16 се со помал број ученици. Од основните училиште, сите 18 паралелки во село Иванковци се со помал број, додека во ОУ „Панко Брашнаров“, иако новоформирано, од 42 паралелки, 39 имаат недостиг од ученици.
П. ПЕЧКОВ