ВО ВЕВЧАНИ СЕ ГРАДИ ПРВАТА ЗАШТИТЕНА АЛПИНИСТИЧКА ПАТЕКА ВО МАКЕДОНИЈА СО ФИНАНСИСКА ПОМОШ ОД ГЕРМАНИЈА ЗА РАЗВОЈ НА ТУРИЗМОТ

    ВО ВЕВЧАНИ СЕ ГРАДИ ПРВАТА ЗАШТИТЕНА АЛПИНИСТИЧКА ПАТЕКА ВО МАКЕДОНИЈА СО ФИНАНСИСКА ПОМОШ ОД ГЕРМАНИЈА ЗА РАЗВОЈ НА ТУРИЗМОТПатеката е долга 230 метри и ќе биде отворена за три месеци (Фото: СДК.МК)

    Вевчани сака да прерасне во атракција за љубителите на алпинистичко искачување, правејќи ја првата заштитена патека за алпинистичко искачување, која меѓу планинарите е позната како „Виа ферата“. Општината го заврши процесот на мапирање на заштитената патека за искачување, проект кој се реализира со финансиска поддршка од Гермаската оргаиизација за меѓународна соработка (ГИЗ) и има за цел преку планинарски патеки да ги поврзе Македонија, Косово и Албанија.

    Според градоначалникот на Вевчани, Сашо Јанкоски, ова ќе биде пионерски потфат и збогатување на туристичката понуда на Вевчани.

    „Мислам дека тоа е одлична инвестиција за зголемување на туристичкиот пoтенцијал на Вевчани и ова заштитено подрачје. Во трите години од мандатот увидов дека туристите имаат голем интерес за заштитените подрачја на Галичица и Јабланица, а овој спорт е многу популарен во европските земји“, смета Јанкоски.

    Виа ферата е заштитена патека со челични кабли, јажиња и скали за искачување која ја користат туристите што сакаат планинарење. Вакви патеки има најмногу во туристичките места на Алпите во Италија и Австрија.

    Мапирањето го вршеа искусни алпинисти од Охрид (Фото: СДК.МК)

    Карпата висока околу 150 метри е лоцирана во рамките на заштитеното подрачје Вевчански Извори, на околу еден километар оддалеченост од изворите. На неа се поставува фиксна сајла со безбедни клинови, а на потешките делови и скали. Мапирањето го вршеа искусни алпинисти од Охрид.

    „Вкупната должина на патеката ќе биде 230 метри, од кои 140 метри ќе бидат чиста вертикала, а останатите делови се експонирани гребени. Самата виа ферата е во непосредна близина на Вевчани, па овозможува лесен пристап за посетителите. Искачувањето ќе трае од еден час до час и половина, во зависност од физичката подготвеност на луѓето. Искусните ќе се искачуваат сами, а почетниците со водичи алпинисти. Патеката излегува на прекрасен видиковец над селото и по лесна патека тие ќе може да се вратат на почетокот“, вели Антонио Додески од алпнистичкиот клуб „Патагонија“.

    Новата туристичка приказна во Вевчани за три месеци ќе биде достапна за посетители.

    Реализацијата на првата ферата патека е во партнерство со Општина Вевчани и планинарско-еколошкото друштво „Црн Камен“. Во рамките на националниот парк Галичица напролет ќе се прави втората, 400 метри долга виа ферата, во месноста Корита. Во Европа има неколку илјади ферати, а најпопуларните се во Италија.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира