ВО ВОДАТА ОД ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ НЕМА ЦИЈАНОБАКТЕРИИ И ЦИЈАНОТОКСИНИ, НО ПОТРЕБНА Е РЕДОВНА КОНТРОЛА, ПОКАЖАА АНАЛИЗИТЕ НА ХИДРОБИОЛОШКИОТ ЗАВОД ОД ОХРИД

    ВО ВОДАТА ОД ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ НЕМА ЦИЈАНОБАКТЕРИИ И ЦИЈАНОТОКСИНИ, НО ПОТРЕБНА Е РЕДОВНА КОНТРОЛА, ПОКАЖАА АНАЛИЗИТЕ НА ХИДРОБИОЛОШКИОТ ЗАВОД ОД ОХРИДПред две години, во извештајот на ХБЗ беше констатирано дека во водата има цијанобактерии, по што водата се забрани за капење, полевање и рекреација (Фото: СДК.МК)

    Во водите на езерото Младост нема цијанобактерии, а со тоа ниту цијанотоксини, покажале резултатите од анализите што ги изврши Хидробиолошкиот завод (ХБЗ) од Охрид, а порачани од Општина Велес. Мострите биле земени на 2 септември од две места на акумилацијата, Градска плажа и плажата пред хотелот „Романтик“. Стручните лица од ХБЗ препорачуваат континурана контрола на квалитетот на водата, посебно во периодот кога цутат алгите.

    „Во анализираните примероци од овој месец не беше утврдено присуство на цијанобактерии, па не се очекува продукција на цијанотоксини од цијанобактериско потекло. Сепак, поради сезонската динамика на фитопланктонот и можноста за брзи промени при поволни температурни и нутритивни услови, се препорачува продолжено следење на цијанобактериите и цијанотоксините во текот на следната сезона“, пишува во извештајот на ХБЗ.

    При фитопланктонската анализа на водата од акумулацијата Младост биле евидентирани изразена застапеност на зелените алги и значителна застапеност на харофитната алга, а регистрирано е и присуство на динофлагелати.

    Пред две години, во извештајот на ХБЗ беше констатирано дека во водата има цијанобактерии, по што водата се забрани за капење, полевање и рекреација. При сите четири мерења летоска, извршени од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Велес, се бараше токму таква проверка, која досега не била извршена во Македонија, бидејќи немаше акредитирана лабораторија. Екологистите бараа да се изврши во Нови Сад или во Љубљана, за на крајот да се направи во Хидробиолошкиот завод.

    „Водата не смее да се користи за капење и рекреација додека не се изврши испитување од стручна институција, која ќе докаже дека во водата нема цијанобактерии и цијанотоксини“, пишува во сите четири извештаи на ЦЗЈ, пред да се објават анализите на ХБЗ.

    Анализата од двете плажи покажала дека водата според микробиолошките индикатори е одлична, има присуство на амонијак 4-та класа, трета класа по матност и сув остаток, а во однос на останатите испитани параметри е во втора и прва класа. Летоска беше дозволено водата да се користи за полевање на околните површини со лозја.

    Деновиве заврши чистењето на вториот дел од коритото на Отовичка Река во должина од 800 метри. Претходно беа исчистeни 460 метри. Се чистеше од трска, шавар, кал и отпад. Со овие активности се подобри пропусната способност на реката и се намали наносот што завршува во езерото.

    Привршува и поврзувањето на електричната енергија со пумпите од бушотините кои се ископаа на Отовичка и Рудничка Река. Вода се појавила и таа со црева ќе се дотура до акумулацијата. Се најавува дека овој зафат ќе заврши за десетина дена.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира