Уште има куќи во Ресенско кои се поплавени и од кои се испумпува вода, вели градоначалникот на Ресен Јован Тозиевски, иако по синоќешните поплави тимовите на терен успеале да санираат дел од состојбата. Обилните врнежи дожд предизвикаа поплави на голем дел од територијата во Преспа, по селата, но и во делови од Ресен. Најризично беше во селата Горна и Долна Бела Црква, Црев Двор, Езерани, Перово, но и во Ресен.
„Уште има поплавени објекти, уште работиме на терен, но она најлошото го пребродивме. За среќа, немаше човечки жртви и потреби за евакуација. Но, се испумпуваше вода од куќите и уште испумпуваме од некои објекти“, рече Тозисвекси за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Преспа помина бессона ноќ, а во акцијата покрај тимовите на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Центарот за управување со кризи (ЦУК), Општина Ресен, Јавното претпријатие „Пролетер“, Противпожатрната единица и МВР помагаше и локалното население.
„Буквално извираше вода од секаде. Во четири часот утрово скоро сите реки беа излеани, на делови и Голема Реска, како и реката во Царев Двор, а имаше и поголеми водотеци од планините. Вода доаѓаше од сите страни, а атмосферската канализација, па ни земјата не можеа да ја прифатат надојдената вода. Беа поплавени куќи, магацини, стопански објекти, земјоделско земјиште, но во добар дел проблемите ги саниравме“, вели Тозиевски.
За четири дена во Ресенско наврнаа 167 литри дожд на квадратен метар. Со слична ситуација Преспа се соочи и на крајот на ноември 2025, кога беа поплавени домови, штали, земјоделски површини, а само во Претор за 12 часа наврна 66 литри дожд на квадратен метар.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



