Жителите на Боговиње по четврти пат годинава излегуваат на протест за селскиот водовод пред зградата на општината. Тие бараат од локалната власт да престане со обидите да го земе водоводот под нејзина надлeжност. Боговињчани велат дека општинското комунално претпријатие во својата работа и досега се соочувало со проблеми поради разни финасиски малверзации и стравуваат дека тоа ќе се одрази на водоснабдувањето во нивното село.
„Општината сака со сила да ни го земе водоводот. Овој водовод сме го граделе ние, со наши пари и јас лично сум учествувала во неговата изградба. Затоа, ние треба да управуваме со водоводот а општината не треба да ни се меша“ вели Ѓезмие Рамадани, жител на Боговиње.
Жителите на селото имаат формирано фирма, која се грижи за водоводот и која наплаќа сметки за потрошената вода. Сега, тие бараат оваа фирма да биде озаконета и од страна на општината, која пак се противи на ова барање, велејќи дека таквиот начин на работа е надвор од законот. Од неодамна и општината започнала да им наплаќа сметки за вода на жителите на Боговиње и сега тие се во недоумица кому да плаќаат за потрошената вода.
„Ние сакаме сами да менаџираме со овие ресурси, бидејќи се плашиме во иднина да немаме вода. Гледаме како општината се справува со отстранување на сметот, па се сомневаме дека утре лошо ќе стопанисува и со нашата вода. Досега имавме една средба со градоначалникот, но тој продолжува со истата реторика и се повикува на законот. Ние му порачуваме на градоначалникот Хазби Идризи дека ако нема согласност ние самите да стопанисуваме со водоводот, ваквите протести ќе продолжат и понатаму“ изјави Ведат Садики од Боговиње.
И поголемиот дел од советниците на Советот на општина Боговиње се противеле општината да стопанисува со водоводот иако знаат дека според законот таа надлежност мора да ја врши општината.
„Советниците се поделени по политичка линија, но кога е во прашање водоводот во Боговиње сите се со ист став и се против градоначалникот, кој сака на насилен начин да ни го земе водоводот. Ние треба да седнеме да разговараме и да најдеме заеднички јазик како да го решиме ова прашање“ вели Бујар Мисими, независен советник во Советот на општина Боговиње.
Од службите на општина Боговиње ни беше речено дека градоначалникот Хазби Идризи денеска бил на работа и не можевме да го добиеме и неговиот став за овој проблем.
Протестот на жителите на Боговиње помина мирно, само што неколку јајца завршија на фасадата од зградата на општината која беше обезбедувана од полицијата.
ВОДАТА Е НАША И НЕ МУ ЈА ДАВАМЕ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ, ПОРАЧАА НА ПРОТЕСТ ЖИТЕЛИТЕ НА БОГОВИЊЕ
a:2:{s:16:"td_post_template";s:22:"single_template_civica";s:9:"td_source";s:45:"Тетово,(САКАМДАКАЖАМ.МК)
Содржината на текстовите во категоријата Дописна мрежа е единствена одговорност на www.sdk.mk и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.