ВОДАТА ОД ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ НЕ Е ЗА ПЛИВАЊЕ И РЕКРЕАЦИЈА, МОРА ДА СЕ ПРОВЕРИ ДАЛИ ИМА ЦИЈАНОТОКСИНИ

    ВОДАТА ОД ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ НЕ Е ЗА ПЛИВАЊЕ И РЕКРЕАЦИЈА, МОРА ДА СЕ ПРОВЕРИ ДАЛИ ИМА ЦИЈАНОТОКСИНИВодата не смее да се користи за капење и рекреација сè додека не се докаже од стручна институција отсуство на цијанобактерии и цијано бактерии, вели Центарот за јавно здравје Велес. (Фото: СДК.МК)

    Водата од акумулацијата Езеро Младост не може и натаму да се користи за капење и рекреација додека не се докаже отсуство на цијанобактерии и цијанотоксини. Оваа констатација на стручните лица од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Велес повторно е присутна во нивните извештаи. Истото е забележано и во последниот извештај објавен на 21 мај, со податоци од 15 мај. Претходно беше евидентирано присуство на цијанобактерии, но не е познато дали излачуваат цијанотоксини. Според литературата, има 60 илјади цијанобактерии, од нив 200 лачат цијанотоксин.

    „Водата не смее да се користи за капење и рекреација сè додека не се докаже од стручна институција отсуство на цијанобактерии и цијано бактерии. Со тоа би можело да се изврши комплетна проценка на безбедноста на водата“, вели во извештајот.

    По неколкуте прашања во јавноста, од Координативното дело за спас на Езерото Младост велат дека се работи во македонска институција да се изврши проверка за присуство на цијанотоксините, кое никако да се случи, оти на Балканот има две лабортории во Нови Сад и во Љубљана, каде се вршат вакви испитувања. Кога пред десетина години во акумулацијата Беровско Езеро се случи истиот проблем, итно беше извршена проверка дали има цијанотоксини, по позитивниот одговор се презедоа неопходни постапки и за бргу водата беше исправна. Проблемот со водата во Езерото Младост трае трета година по ред. Според стручните лица, овој период кога цветаше алгата беше идеален да се изврши проверката за цијанотоксините.

    Во последниот извештај на ЦЈЗ констатирано е дека микробиолошките индикатори за квалитетот на водата во езеро биле одлични, а физичко-хемиските се со висок степен на матност – 5-та категорија, заситеност со кислород 4-та категорија, со тоа што примероците на вода биле површински, а не од длабочината каде нема кислород и со 3-та класа присуство на амонијак.

    „На двете плажи, Градска и хотел ‘Романтик’, постои видлива пролиферација (намножување) на алги и појава на пена на крајбрежјето“, вели извештајот на ЦЈЗ Велес.

    Со покачувањето на температурите на воздухот, во крајбрежјето на Езерото Младост се јавија нови маси кои пливаат по површината. Стручните лица велат дека тоа се изумрени материи, кои се јавуваат со зголемувањето на температурите. Лани зимата и зимските месеци годинава нив ги немаше.

    Од тековните активности за ревитализација на Езерото Младост во тек е постапката за изведба бушотини на Отовичка и Рудничка Река, за што на јавен повик се избра изведувач. Водата која ќе се најде треба да се дистрибуира до акумулацијата за да се збогати со кислород. Таква е препораката на стручните лица од Хидробиолошкиот завод (ХБЗ) од Охрид. Зимава беше извршено чистење на крајбрежјето на езерото во должина од 4,5 км од трска и тиња, исто така препорака на ХБЗ, но не е отстранета по целата должина на брегот. За овие две работи, чистење на брегот и изведба на бушотини, како и промена на вентилот на браната Владата обезбеди 10 милиони денари (над 160.000 евра).

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира