ЈП „Исар“ од Штип, кое вчера во филтер-станицата почна да ја преработува водата од ХС „Злетовица“, денеска соопшти дека вода има, но апелира до граѓаните да не ја користат за пиење и готвење, туку само за техничка употреба. Оттаму појаснуваат дека се работи на прилагодување на параметрите во системот за хлорирање и сè до наредното известување, граѓаните од превентивни причини треба да го почитуваат апелот.
„Пристигна стручна екипа од словенечката компанија за електроопрема ‘Искра‘, која го инсталираше системот за хлорирање. Со оглед дека во истиот се преработува и новата површинска вода од ХС ‘Злетовица‘, според нивно мислење, требало да се изврши прилагодување на неопходните параметри во системот за хлорирање и нивно оптимално подесување. Тие најавија дека ќе работат до крајот на денот, па се очекува водоснабдувањето наскоро да биде нормализирано“, вели директорот на ЈП „Исар“, Трајче Здравков.
По апелот водата да се користи само за техничка употреба, граѓаните на Штип, како во сите досегашни случаи на недостиг на вода, за неколку часа ги потрошија залихите на флаширана вода во продавниците.
Т. ЈОВАНОВСКИ