„ИСАР“ ЌЕ ЈА ПРЕРАБОТУВА ВОДАТА ОД ХИДРОСИСТЕМОТ „ЗЛЕТОВИЦА“ И ЌЕ СЕ КОРИСТИ ЗА СНАБДУВАЊЕ НА ШТИП

    „ИСАР“ ЌЕ ЈА ПРЕРАБОТУВА ВОДАТА ОД ХИДРОСИСТЕМОТ „ЗЛЕТОВИЦА“ И ЌЕ СЕ КОРИСТИ ЗА СНАБДУВАЊЕ НА ШТИПВодата ќе се преработува во адаптираната филтер станица во ЈП „Исар“. (Фото: СДК.МК)

    ЈП „Исар“ со нова филтер-станица ќе ја преработува водата од Хидросистемот „Злетовица“. Со тоа, жителите на Штип жителите на Штип ќе се снабдуваат со вода за пиење комбинирано од бунарите и со водата од „Злетовица“.

    „Испумпувањето на водата од бунарите е премногу скапо поради големото трошење на струја, па со новите цени само за јануари ЈП ‘Исар‘ има сметка за струја од 19 милиони денари. Преработката на водата од ‘Злетовица‘ според првичните анализи, месечно ќе чини само 6-7 милиони денари за струја со што  трошоците ќе бидат намалени за три пати. Цената на водата од ‘Злетовица‘ според одлуката на Регулаторната комисија при Владата за 2022 година изнесува 4,69 денари за кубик“, рече в. д. директорот на „Исар“ Трајче Здравков на денешното потпишување на договорот со „Злетовица“.

    Директорот на „Злетовица“ Миле Илиевски кажа дека анализите и испитувањата на водата од овој систем што редовно се прават од нивна страна, но и од стручните лица на јапонската влада покажуваат дека се работи за здрава и чиста вода, една од најквалитетните од сите македонски акумулации, а со филтрирањето станува уште поквалитетна.

    „Во изминатите неколку месеци, преку 40 километарскиот подземен цевковод дистрибуиравме вода до штипската филтер станица која правеше пробни преработки. Таквата пробна работа ќе продолжи до крајот на овој месец, а потоа ќе се отпочне со комплетна преработка и дистрибуција до крајните корисници на 180 литри вода во секунда колку што просечно изнесува потрошувачката на вода во Штип“, рече Илиевски.

    Раководителот на филтер-станицата Тања Глигорова, како главен технолог кажа дека Штип има капацитет за филтрирање на двојно поголемо количество вода комбинарано и од „Злетовица“ и од штипските бунари за што располага исто така со соодветна опрема.

    Водата од „Злетовица“ веќе неколку години ја користат Пробиштип и Свети Николе, а сега со потпишувањето на договорот ќе ја користи и Штип, со што граѓаните од овие општини го решаваат проблемот со водоснабдување за 50 години. Предвидено е со водата од „Злетовица“ да се снабдуваат и општините Карбинци и Лозово кои се во фаза на изградба на филтер-станици и цевководи до населените места во нивните општини.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира