Кубикот вода за пиење во Битола најверојатно ќе поскапи за 4, 10 денари за метар кубен за домаќинствата, а за претпријатијата за 5,17 денари. За новата тарифа на водата ќе се дискутира на денешната седница на Совет.
Јавното комунално претпријатие „Водовод“ бара од Советот нови тарифи согласно решението што му го доставила Регулаторната комисија за енергетика во ноември минатата година. Досега домаќинствата плаќаа 24,25 денари за метар кубен вода за пиење, а по новата тарифа ќе плаќаат 28,35 денари. Новата цена за претпријатијата ќе биде 50,17 денари, наспроти досегашната од 45 денари.
Решението предвидува постепено покачување на тарифите до 2020 година. Така, следната година тарифата за домаќинствата ќе се покачи за денар односно ќе изнесува 29,54 денари, а за фирмите до 51,03 денари. Во 2020 година водата ќе се покачи за нешто повеќе од денар за домаќинствата и ќе изнесува 30,82 денари, за претпријатијата ќе достигне 51,91 денар.
Вкупно за трите години водата за домаќинската ќе „скокне“ за шест и пол денари, а за фирмите безмалку седум денари.
Ж. ЗДРАВКОВСКА