ВОДАТА ВО ГОСТИВАР МОЖЕ ДА СЕ КОРИСТИ ЗА БАЊАЊЕ, НО НЕ И ЗА ПИЕЊЕ И ГОТВЕЊЕ, КАЖА ТОШКОВСКИ

    ВОДАТА ВО ГОСТИВАР МОЖЕ ДА СЕ КОРИСТИ ЗА БАЊАЊЕ, НО НЕ И ЗА ПИЕЊЕ И ГОТВЕЊЕ, КАЖА ТОШКОВСКИМинистерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешната прес-конференција по состанокот на Управувачкиот комитет. (Фото: ДЗС)

    Водата во Општина Гостивар може да се користи како техничка вода, односно може да се користи за бањање и за сите останати потреби во рамки на домаќинството, но не и за пиење. Сè уште ги немаме потврдено согласностите и уверенијата дека водата може да се користи за пиење, ниту пак за подготвување на храна, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тошковски е раководител на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи.

    Водата во Гостивар е забранета за пиење од 17 јули, откако инстутуциите утврдија дека пумпи 22 дена внесувале вода со фекалии во градскиот водовод. Заразени се над 4.000 граѓани, од 19 јули е прогласена епидемија, а на 21 јули Владата прогласи 30-дневна кризна состојба во градот.

    „По неколку дена испитување, имаме добиено потврда од страна на експертите од анализите што се правени дека истата може да се користи како техничка вода. ​Ќе продолжиме во делот на обезбедување на флаширана вода за пиење и понатаму, како што правевме овие неколку дена, меѓутоа во координација исто така со општината во делот на сите оние работи коишто треба да се преземат и понатаму.  Јавното претпријатие ‘Водовод’ Гостивар се тие коишто ги преземаат сите оние професионални активности во делот на хиперхлорирањето, поставување на апаратурата којашто требаше да биде поставена за да дојдеме до оваа фаза – техничка вода за употреба. А се надевам за брзо ќе ја известиме јавноста точно кога повторно ќе дојдеме до вода за пиење“, рече Тошковски по состанокот на Управувачкиот комитет.

    Раководителката на Секторот за санитарна контрола во „Водовод и канализација“ Скопје, Емилија Аневска, рече дека овие неколку денови постојано биле на терен во Општина Гостивар, со тоа што екипите земале примероци од шест локации во градот, од крајни потрошувачи. Кај сите примероци три дена последователно е забележано отсуство на колиформни бактерии и поради тоа што е вршено хлорирање со поголема концентрација од вообичаената, кај примероците не е констатирано присуство на трихалометани во над дозволените граници.

    „Во следните денови ќе го зголемиме бројот на мерни места во Општина Гостивар и ќе го правиме оној основен преглед согласно Правилникот за вода за пиење, со што со континуиран мониторинг ќе можеме да потврдиме дека водата во следните денови ќе може да биде и за пиење“, рече Аневска.

    Таа кажа дека Јавното претпријатие во Гостивар генерално се соочува со проблем во процесот на вршење на дезинфекција на водоводниот систем, со што со консултација со колегите од Секторот за експлоатација и одржување ќе се обидат во следните неколку денови да се реши и тој дополнителен проблем. Кога процесот на вршење на дезинфекција ќе биде континуиран и нема да има отстапувања од оние нормални вредности коишто треба да се очекуваат за да се добие санитарно-исправна и безбедна вода, прво ќе го известат Кризниот штаб, а потоа Кризниот штаб ќе испрати известување до граѓаните.

    На новинарско прашање дали смета дека треба Армијата и полицијата да ги чуваат водоводните системи, Тошковски рече дека тоа не е нивна работа туку, како што рече, дека „секоја една институција којашто е надлежна да се грижи и да ги решава сите прашања околу водоводните системи во рамките на Општините е должна да си ги превземе законските надлежности коишто се утврдени во рамки на регулативата“.

    „И сметам дека доколку секој си ја работи работата којашто е утврдена во рамки на законските и уставните рамки, не би требало да имаме вакви проблеми коишто ни се случуваат“, додаде тој.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира