Се надевам дека до крајот на оваа недела или почеток на наредната недела Гостивар ќе има техничка вода, а до крајот на наредната недела и вода за пиење, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференција во Општина Гостивар.
Тошковски е раководител на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи и и одржа прес-конференцција заедно со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и раководител на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов, градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани и директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Мухамед Али.
Водата во Гостивар е забранета за пиење од 17 јули, откако инстутуциите утврдија дека пумпи 22 дена внесувале вода со фекалии во градскиот водовод. Заразени се над 3.000 граѓани, од 19 јули е прогласена епидемија, а на 21 јули Владата прогласи 30-дневна кризна состојба во градот.
Емилија Аневска од „Водовод и канализација“ Скопје рече дека кога дошле пред два дена биле земени 9 примероци, од кои три се примероци се од каптажите со цел да видат со каков ресурс располага Општина Гостивар. Шест од примероците кои што се земени низ локации во Општина Гостивар се хемиски неисправни, има отстапување во однос на резидуалниот хлор, додека кај сите е забележано и отстапување во микробиолошката неисправност.
„Тоа се должи на недоволното, недоволниот процес на извршување на дезинфекција. Затоа во консултација со колегите од сектор експлоатација и одржување во Јавното претпријатие ‘Водовод и канализација’, во текот на денешниот ден е заменет типот на хлоринаторот кај каптажата, со тоа што е започнато хлорирањето да е со повисока доза на хлор којашто е согласно Правилникот за безбедност на вода за пиење предвидено во вакви кризни состојби со концентрација којашто е малку повисока од вообичаената, но е секако безбедна. Ние како претпријатие и како лабораторија којашто е акредитирана ќе продолжиме во текот на следните денови континуирано да земаме примероци од истите локации со цел да имаме увид како ќе се одвиваат и какви ќе бидат резултатите. Сè дури не констатираме дека водата ќе биде исправна за пиење, ќе го продолжиме со истиот процес. Оној момент кога водата ќе биде санитарно и безбедна за пиење, ќе биде известен Кризниот штаб“, изјави Аневска.
Министерот за здравство Сашо Клековски претходно соопшти дека состојбата во Гостивар по кризата со водоснабдувањето постепено се стабилизира и дека нема нови хоспитализации на лица со стомачни тегоби. Тој најави дека сите резултати од анализите за исправноста на водата ќе бидат јавно објавени, но упати апел до граѓаните да продолжат внимателно да ги почитуваат препораките сè додека не завршат сите интервенции во водоводниот систем.
„Од понеделникот анализите покажуваат четири чисти и пет загадени локации. Иако бројот на заболени се намалува, мерките мора строго да се почитуваат“, изјави Клековски.
Според него, досегашните анализи покажале присуство на астровирус и бактеријата шигела кај дел од примероците, но резултатите не се целосно идентични, поради што засега не може да се утврди еден единствен причинител за појавата на здравствените проблеми.
Според досегашните сознанија, станува збор за комбинација од бактериско, односно фекално загадување и вирусно загадување, кое можно е да е поврзано и со атмосферски води.
Б. НЕСТОРОСКА



