Во одделни делови на Тетово забележано е заматување на водата за пиење од градскиот водовод во текот на вчерашниот ден. Од ЈКП „Тетово“ велат дека тоа е настанато поради активирањето на стариот цевковод од Попова Шапка до градските резервоари. Притоа, целата количина на вода за пиење од новиот цевковод е пуштена преку стариот цевковод. Ова е направено бидејќи требало да се извршат одредени градежни работи за поврзување на новиот цевковод со филтер станицата која е во завршна фаза на изградба.
Откако се завршени работите во текот денес од 10 часот сета вода за пиење повторно протекува преку новиод цевковод со што водоснабдувањето на градот е норммализирано, велат од ЈКП Тетово.
Од центарот за јавно здравје на Тетово веднаш излегле на терен и зеле мостри од водата. Според првичните резултати, водата за пиење од централното градско подрачје покажувала заматување над нормалните вредности.
„Освен заматеноста, останатите физичко –хемиски параметри на водата и вчера и денес се во рамките на дозволените вредности а водата редовно се хлорира. Се чекаат само микробилошките резултати за кои треба да поминат 72 часа од земањето на мострите.
Се препорачува како превентива, до добивањето на конечните резултати, водата да се преврива 10 минути или да се користи флаширана вода за пиење“ изјави др Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје на Тетово.
Во јуни минатата година поради нестручни градежни работи на Попова Шапка веднаш до каптажата на шарските извори, исто така дојде до големи заматување на водата за пиење во Тетово.