ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ ВО ТЕТОВО Е ИСПРАВНА ЗА ПИЕЊЕ, ИСКЛУЧЕН Е НОВИОТ ВОДОСНАБДИТЕЛЕН СИСТЕМ ПОРАДИ ЗАМАТЕНОСТ, ВЕЛАТ ОД ТЕТОВСКИ ВОДОВОД 

    ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ ВО ТЕТОВО Е ИСПРАВНА ЗА ПИЕЊЕ, ИСКЛУЧЕН Е НОВИОТ ВОДОСНАБДИТЕЛЕН СИСТЕМ ПОРАДИ ЗАМАТЕНОСТ, ВЕЛАТ ОД ТЕТОВСКИ ВОДОВОД Во овој момент градот со вода за пиење се снабдува само преку стариот водоводен систем. (Фото: СДК.МК)

    Водата во Тетово е исправна за пиење, исклучен е само дотокот од новиот водоснабдителен систем поради заматеност, информираат од јавното комунално претпријатие од Тетово. Утрово на официјалната страна на претпријатието беше соопштено дека водата за пиење во Тетово е неисправна. Но, за кратко време објавата беше избришана и од тетовски  „Водовод“ објаснуваат дека информацијата е тргната бидејќи не е точна.

    „Дотокот од новиот водоснабдителен систем поради заматување автоматски е прекинат. Водата за пиење која доаѓа од стариот водовод од изворите на Шар Планина е исправна и може да се користи за пиење. Дотокот од зафатот кај ‘Лешница‘ го прекинавме поради тоа што сензорите ни покажаа поголемо заматување, како на почетокот на овој месец. Очекуваме проблемот наскоро да биде надминат. За матноста на водата има соодветни сензори чии параметри ја покажуваат состојбата и тоа дали може да се пушти водата во системот“, изјави раководителот на РО “Водовод“ при ЈКП Тетово.

    Од Центарот за јавно здравје во Тетово велат дека се излезени на терен за да земат мостри од водата за пиење, а првите физичко-хемиски резултати се очекуваат да ги добијат по неколку часови додека за биолошките се потребни два дена.

    Во овој момент градот со вода за пиење се снабдува само преку стариот водоводен систем од кој дотекуваа околу 250 литри вода во секунда, што е за околу 100 литри помалку од потребата количина за нормално снабдување на градот со вода за пиење.

    З. АНДОНОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира