На Водно кон почетокот на наредниот месец ќе почне изведбата на втората планинска велосипедска патека во рамките на проектот „Велосипедски парк Водно“. Откако лани во октомври беше пуштена во употреба нагорната патека, сега ќе се изведе и надолна, со што велосипедистите ќе можат да се качат до Средно Водно и да се симнат без да имаат контакт со пешаците.
„Со ова, се комплетира трасата Скопје – Средно Водно – Скопје и велосипедистите ќе можат да се искачат на Водно и спуштат безбедно низ шума без никаков контакт со друг тип на сообраќај. Новата планинска велосипедска патека ќе биде околу 3,6 километри долга и истата е предвидено да ја прати природната конфигурација на теренот, без да ја нарушува природната средина. Со просечна стрмнина од 6%, патеката е спаѓа во таканаречената семејна категорија или безбедна за употреба од страна на сите генерации. Исто како и на првата Пионерска патека којашто е наменета за нагорно движење, ќе биде поставена соодветна сигнализација со цел да се означи нејзината намена и насока на движење“, вели Марко Тодоров раководител на Секторот за локален економски развој на Град Скопје.
Изведбата на првата патека како што велат од Град Скопје придонесе да се зголеми безбедноста бидејќи велосипедистите се движеа низ исти рути со пешаците, па често се случуваа несреќи.
„Во иднина, предвидуваме изведба на уште неколку патеки од сличен тип во делот помеѓу Средно Водно и врвот Крстовар. Тука, се надеваме на големо задоволство кај ентузијастите кои посериозно се занимаваат со овој спорт, е предвидена и сертифицирана надолна велосипедска патека од поекстремен карактер и можност за ставање на Водно и Скопје на мапата на професионалниот планински велосипедизам, преку одржување на интернационални натпревари“, додава Тодоров.
Патеката ќе ја изведува фирмата „Алианс АСЕ“ од Љубљана, Словенија, експерти за планински велосипедизам со 10 годишно искуство кои работеле на вакви патеки во преку 50 дестинации низ светот.
А. АНТЕВСКА