ВОДНО ТРЕБА ВИСТИНСКИ ДА СЕ ЗАШТИТИ, А НЕ САМО ТРЕВКИТЕ И ГАБИТЕ, ГРАЃАНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ И ПРОФЕСОРИ БАРААТ ВЛАДАТА ДА ДОНЕСЕ ЗАКОНСКО РЕШЕНИЕ

    ВОДНО ТРЕБА ВИСТИНСКИ ДА СЕ ЗАШТИТИ, А НЕ САМО ТРЕВКИТЕ И ГАБИТЕ, ГРАЃАНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ И ПРОФЕСОРИ БАРААТ ВЛАДАТА ДА ДОНЕСЕ ЗАКОНСКО РЕШЕНИЕДоставено е писмено барање до премиерот Зоран Заев во кое се бара да се прекине постапка за прогласување на Водно за заштитено подрачје и да се донесе посебен закон.(Фото: СДК.МК)

    Професори, експерти за хидрометеорологија, граѓанските организации „Го сакам Водно“ и „О2 Иницијатива“ бараат од премиерот Зоран Заев да ја стопира постапката за прогласување на Водно за заштитено подрачје. Според нив со Одлука за прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел, Скопје вистински не се заштитува. Жителите на Скопје се доведуваат во опасност од поплави и ерозии бидејќи се заштитуваат само неговите природни богатства и природата.

    „Не знаат што прават. Градот Скопје и УНДП направиле неколку студии за заштита на шумите, студија за поплави која покажува дека со климатските промени се зголемува опасноста од поплави, студија за ерозија, а направена е и студија за пошумување и елаборат за приоритетно пошумување на Водно. Со носење на ваква одлука сето ова што досега е направено може да се фрли во ѓубре. Дали ние како граѓани на Скопје треба да бидеме жрвта на заштита на природното наследство. Што ни е поважно безбедноста или заштита на тревки, габи и еден локалитет со инсекти“, рече на прес-конференцијата професорот Иван Блинков професор на Шумарскиот факултет.

    Татјана Стојановска од „Го сакам Водно“ кажа дека испратиле писмено барање до премиерот Зоран Заев во кое се бара да се прекине постапка за прогласување на Водно за заштитено подрачје, додавајќи дека на јавните расправи имало голем број забелешки кои се игнорираат.

    „Оваа иницијатива за повлекување на оваа постапка не е за да се истакнат ставовите на ‘Го сакам Водно‘ и ‘О2 Иницијатива‘ и другите 36 граѓански организации кои стојат зад неа туку за да се сослушаат експертите. Во изминатиот период се игнорираа забелешките на стручните лица, а минатиот пат кога се направи тоа го добивме патот низ Водно за Сончев град. Заради тоа нашата иницијатива е за формирање на експертска меѓуресорна комисија, бидејќи во сегашната работна група во Министерството учествуваат само институции и се форсира мислењето на Секторот за природа, кој го фаворизира само природниот аспект на заштитата на Водно, кој е само мал дел од вистинската заштита. Ние повикавме повеќе експерти кои имаат искуство и можат да ги кажат јавно сите забелешки кои беа игнорирани на јавната расправа“, кажа Стојановска.

    Продеканката на Шумарскиот факултет Македонка Стојановска истакна дека тие се против предлогот за препрогласување на Водно како заштитен предел од петта категорија според законот за заштитата на природа, заради тоа што Водно не е природно наследство, туку пред пет-шест децении било голина, која е вештачки пошумена заради заштита на Скопје од поплави и ерозија.

    „Како може вештачки облагородена површина да се заштитува според закон за природа со кој треба да се чуваат и заштитат природните вредности. Според предлогот зоната на строга заштита на Водно се однесува само на Матка, а целиот останат дел е во зоните на активно и одржливо користење. Во нив дозволени се секакви активности, што упатуваат на прашања каква ќе биде вистинската заштита на Водно. Потребен еден поширок и сериозен пристап во заштитата. Мора да расчистиме дали сакаме да го заштитиме биодиверзитетот на Водно или да го заштитиме Скопје и неговите граѓани“, кажа продеканката Стојановска.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира