„ВОДОСТОПАНСТВО“ ГО ИСЧИСТИ ЃУБРЕТО ОКОЛУ БРАНИТЕ ЛИПКОВО И ГЛАЖЊА ОД КАДЕ КУМАНОВО СЕ СНАБДУВА СО ВОДА ЗА ПИЕЊЕ

    „ВОДОСТОПАНСТВО“ ГО ИСЧИСТИ ЃУБРЕТО ОКОЛУ БРАНИТЕ ЛИПКОВО И ГЛАЖЊА ОД КАДЕ КУМАНОВО СЕ СНАБДУВА СО ВОДА ЗА ПИЕЊЕВработените вчера и денеска собрале поголеми количини на смет од пластична амбалажа кои велат дека го создаваат несовесни граѓани. (Фото: СДК.МК)

    Вработените во „Водостопанство – Кумановско-Липковско Поле“ го исчистија сметот покрај браните Липково и Глажња, од каде Куманово се снабдува со вода за пиење. Од претпријатието велат дека според годишниот план чистењето било планирано за овој период од годината, а случајно се совпаднале со реакцијата на рибарите и пишувањето на САКАМДАКАЖАМ.МК

    Пред три дена двете брани беа затрупани во смет, а никој не го чистеше. (Фото: СДК.МК)

    „Четири до пет пати годишно нашите служби го собираат насобраниот смет на браната Липково, а план беше да се заврши акцијата деновиве, пред да се влошат временските услови. Езерата се на повисока надморска височина, па во зимскиот период може да има и наноси на снег, затоа секогаш некаде до 20 ноември завршуваме со тие активности“, кажа техничкиот директор Оливер Тодоровски, раководител на Секторот за експлоатација.

    Вработените вчера и денеска собрале поголеми количини на смет од пластична амбалажа кои велат дека го создаваат несовесни граѓани, но и гранките и цели дрвја кои ги носи дождот од повисоките места.

    Пред неколку дена, рибари реагираа и ни испратија фотографии на кои се гледа дека двете брани се затрупани во смет, а никој не го чисти.

    Двете вештачки езера се наоѓаат на територијата на Општина Липково во сопственост се на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и на Министерството за економија, а со нив стопанисува „Водостопанство – Кумановско-липковско поле“, кое е задолжено и за одржување на езерата и просторот околу нив.

    Жители од Липковско велат дека депониите на езерата Липково и Глажња, но и во другите делови на планината, ги создаваат несовесни граѓани кои за викенд и во летниот период доаѓаат да се капат во езерото, а ѓубрето го оставаат во природата.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира