Планинар паднал во провалија и се здобил со тешки повреди додека вчера во попладневните часови се движел по Шар Планина во близина на Ливадичко Езеро. Бидејќи спасувањето од провалијата било многу тешко и ризично, на помош била повикана армијата, која испратила хеликоптер за извлекување на повредениот планинар.
„Поради сериозноста на повредите и непристапниот терен, Армијата на Република Северна Македонија изврши итна медицинска евакуација со хеликоптер од Воздухопловниот ВИНГ на лице кое паднало во провалија во близина на Ливадичко Езеро на Шар Планина. Повредениот при падот се здобил со скршеници на раката, ногата и колкот, како и со обилно крвавење, поради што бил во критична состојба. На самото место интервенираше тим на лекари, кои и покрај непристапниот терен, успешно го извлекоа и мобилизираа повредениот“, соопштуваат од Генералштабот на АРМ.
Акцијата на спасување на повредениот планинар била во координација со Центарот за управување со кризи.
З. АНДОНОВ