ВОЛОНТЕРИ ЌЕ ПОМАГААТ НА ИНФЕКТИВНОТО ОДДЕЛЕНИЕ ВО КУМАНОВСКАТА БОЛНИЦА ПОРАДИ НЕДОСТИГ НА КАДАР

    ВОЛОНТЕРИ ЌЕ ПОМАГААТ НА ИНФЕКТИВНОТО ОДДЕЛЕНИЕ ВО КУМАНОВСКАТА БОЛНИЦА ПОРАДИ НЕДОСТИГ НА КАДАРПратеникот Мартин Костовски два дена волонтираше во болницата, а потоа со свои пријатели отвори Фејсбук група „Волонтирај за Куманово“ (Фото: Фејсбук)

    Деветмина волонтери од денеска ќе помагаат во работата на Инфективното одделение во Општа болница Куманово. Тие ќе се ангажираат во техничкиот дел од работата, како носење на кислородни боци, транспорт во количка, нега на пациенти, чистење и готвење.

    Акцијата ја иницираше пратеникот Мартин Костовски, откако два дена волонтираше во болницата, а потоа со свои пријатели отвори Фејсбук група „Волонтирај за Куманово“.

    „Јас бев првиот волонтер во болницата и со својот личен пример сакав да ја разбудам свеста кај останатите мои сограѓани. Мислам дека сите имаме обврска да им помогнеме на болните и да им дадеме поддршка на вработените, да бидеме со нив, да можат и тие да ги наполнат батерииите, бидејќи се на крајот на силите“, изјави Костовски.

    Тој ги повикува сите здрави, млади луѓе, како и оние кои го прележале коронавирусот и имаат имунитет да се пријават и да не се плашат, бидејќи ќе добијат соодветна заштитна опрема додека учествуваат во работата.

    Костовски кажува дека додека волонтирал, заедно со уште двајца другари пренеле околу 40 кислородни боци, а волонтери ќе помагаат и во нега и поддршка на заразените, туркање на колички од едно до друго одделение, чистење, готвење, работа во пералната и секаде каде што има потреба.

    Кумановската болница во овој момент има голема потреба од персонал, пред сѐ болничари и хигиеничaри, поради што директорката побара помош од АРМ и нови вработувања.

    Поради големиот број новозаразени со коронавирус, вчера е отворен уште еден, трет ковид центар, на Одделението за уво, грло и нос, кој има 30 кревети.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира