ВОЗАЧИТЕ НА БРЗА ПОМОШ БАРААТ ДА СЕ ВРАТИ ПРАВОТО НА ПРЕДИМСТВО ВО СООБРАЌАЈОТ, НО И ПОВИСОКИ ПЛАТИ И БЕНЕФИЦИРАН СТАЖ

    ВОЗАЧИТЕ НА БРЗА ПОМОШ БАРААТ ДА СЕ ВРАТИ ПРАВОТО НА ПРЕДИМСТВО ВО СООБРАЌАЈОТ, НО И ПОВИСОКИ ПЛАТИ И БЕНЕФИЦИРАН СТАЖПоради брзо возење имаме колеги кои добиваа казни, возила со предимство сега се само возилата за придружба, велат од Независниот синдикат на медицинскиот персонал. (Фото: СДК.МК)

    Возачите на амбулантните возила на јавните здравствени установи побараа колите повторно да бидат со предимство во сообраќајот, како што било до 2008. Оттогаш била променета регулативата, па заедно со возилата на полицијата и пожарната, немаат предимство во сообраќајот. Ова беше кажано на средбата на Независниот синдикат на медицинскиот персонал (НСМП) во Велес.

    „Поради брзо возење имаме колеги кои добиваа казни. Кога сме во сообраќаен метеж, полицијата не дозволува да минеме со предимство, а за живот се работи. Докторот во колата вели ‘вози побрзо’, а јас него мора да го слушам. Возила со предимство сега се само возилата за придружба“, кажа Боре Трпков, од НСМП.

    Возачите на амбулантните возила на јавните здравствени установи на средбата ги актуализираа проблемите со кои се судруваат во нивната работа. Тоа се однесува на примена на Законот за работни односи, Законот за здравствена заштита, Општиот колективен договор во јавниот сектор, како и Колективен договор во здравствен сектор на ниво на јавни здравствени установи (ЈЗУ). Конкретно, сите возачи на амбулантите возила на ЈЗУ не добиваат иста плата и не добиваат бенефициран стаж.

    „Согласно Законот за минимална плата, возачите се под неа со примањата, па се прават одредени финансиски додатоци со кои платата ќе мине во УЈП, за да земат минималец. Потоа не се исплатува бенефициран стаж. Ова не се однесува само на возачите, туку и не персоналот од Итната помош. На возачите во психијатриските болници не им следува бенефициран стаж, иако тие се и болничари и возачи на санитетско возило во овие установи“, рече Горан Ристевски, претседател на Независен медицински синдикат на Македонија.

    Затоа е формирано координативно тело, кое ќе преговара со министерот за здравство за надминување на овие проблеми. Рок на решавање немаат, но велат ако не се најде ќе има протести.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира