Шест дена стоел камионот со репроматеријал на велешка Маслодајна на терминал за увоз, бидејќи немало интернет за да се испрати дозволата од Бирото за лекови, реагира компанијата за настан кој се случил изминатите денови.
„Камионот е држен на терминал шест дена, чекајќи АДР дозвола од Бирото за лекови, иако законскиот рок е 24 часа за дополнување документација или одобрување дозвола. Камионот со увоз од Романија стигна во четвртокот, а е пуштен во вторникот. За толку дена чекаме репроматеријал, потребен за производен процес, но и се држи каминот, за што ние плаќаме лежарина“, велат од Маслодајна.
Од Бирото за лекови потврдија дека имало проблеми во овој случај, а тоа го припишуваат на техниката.
„Се оштетил оптичкиот кабел на катот каде е Бирото за лекови и шест дена немавме интернет. Дозволата беше веднаш издадена, но не можеше да се проследи до терминалот. Во вторникот, кога фирмата која ги одржува врските го промени оштетениот оптички кабел, добивме интернет и веднаш камионот за кој прашувате е пуштен. Законскиот рок за издавање на дозвола не е 24 часа“, изјавија од Бирото за лекови.
Нема информации и реакции од друг увозник, дали во овој период од четвртокот до вторникот и други увозници чекале толку денови за дозволи за увоз од Бирото за лекови, поради проблемите со интернет врските.
П. ПЕЧКОВ