СО ВРАЌАЊЕТО НА БУКВИТЕ ОД ПОРАКАТА НА ТИТО, ВЕЧЕРВА ПОЧНУВА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА 55-ГОДИШНИНАТА ОД ЗЕМЈОТРЕСОТ

    СО ВРАЌАЊЕТО НА БУКВИТЕ ОД ПОРАКАТА НА ТИТО, ВЕЧЕРВА ПОЧНУВА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА 55-ГОДИШНИНАТА ОД ЗЕМЈОТРЕСОТПод мотото „Зборува Скопје“, како што најавуваат од Град Скопје во наредните четири дена ќе се одржат повеќе ликовни, театарски, филмски и мултимедијални проекции во Музејот на град Скопје, Графити галеријата во ГТЦ, Културно информативниот центар, Музејот на современата уметност и платото пред Младинскиот културен центар.-Архивска фотографија.

    Со враќањето на буквите од пораката на Јосип Броз Тито на источната страна на Музејот на град Скопје, вечерва во 20 часот ќе почне одбележувањето на 55-годишнината од катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

    Под мотото „Зборува Скопје“, како што најавуваат од Град Скопје, во наредните четири дена ќе се одржат повеќе ликовни, театарски, филмски и мултимедијални проекции во Музејот на град Скопје, Графити галеријата во ГТЦ, Културно информативниот центар, Музејот на современата уметност и платото пред Младинскиот културен центар.

    „Пораката која долго беше сведок на историската солидарност што Скопје ја доби од светот по разорниот земјотрес, и беше препознатлив нераскинлив дел од Музејот и градското јадро, повторно ќе се врати на своето место. Овој настан симболично наречен ‘Солидарноста се враќа дома’ ќе биде проследен со активности во Музејот на град Скопје“, велат од Град Скопје.

    На централниот настан на 25 јули во Галеријата на графити во ГТЦ ќе се одржи перформанс на Билјана Радиноска „Тивка реконструкција на земјотресот“ и ќе биде прикажан краткометражен филмски колаж „Сонува Скопје“ на Дина Дума.

    На 26 јули точно во 5.17 часот, времето кога се случил земјотресот, на 5 различни локации низ градот ќе се пуштаат сирени. Звукот на сирените кој се слушал и утрото пред 55 години, ќе се пушта од звучници, не од системот за заштита и спасување за да не биде многу гласно, туку симболично да се потсетат граѓаните на тој ден. Овој настан е во организација на Група урбани уметнички акции и Центар за современи уметности.

    За одбележувањето на 55-годишнината од катастрофалниот земјотрес ЈСП „Турс“ од вторник до четвроток ќе организира тури со туристичкиот двокатен автобус низ локациите кои најмногу биле погодени од земјотресот и населбите и објектите изградени потоа.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира