ВРЕДНИОТ МЕБЕЛ ШТО 5 ГОДИНИ ГНИЕ ВО МАТИЧНОТО ВО СКОПЈЕ ЌЕ ОДИ ВО ПРОСТОРИЈА ВО СОБОРНИОТ ХРАМ КОЈА ЌЕ БИДЕ АДАПТИРАНА ВО САЛА ЗА ВЕНЧАВКИ

    ВРЕДНИОТ МЕБЕЛ ШТО 5 ГОДИНИ ГНИЕ ВО МАТИЧНОТО ВО СКОПЈЕ ЌЕ ОДИ ВО ПРОСТОРИЈА ВО СОБОРНИОТ ХРАМ КОЈА ЌЕ БИДЕ АДАПТИРАНА ВО САЛА ЗА ВЕНЧАВКИПо денешниот текст на САКАМДАКАЖАМ.МК, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов разговарал со градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ и архепискипот на МПЦ-ОА Г.Г. Стефан и било договорено во просторија во рамките на Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ да се направи сала за венчавки и таму да се пренесе мебелот. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Вредниот мебел изработен пред 70 години од врвниот резбар Нестор Алексиев-Мирчевски кој е оставен да скапува во поранешното Матично во дворот на Општина Центар, ќе биде пренесен во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“. По денешниот текст на САКАМДАКАЖАМ.МК, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов разговарал со градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ и архепискипот на МПЦ-ОА Г. Г. Стефан и било договорено во просторија во рамките на Соборниот храм да се направи сала за венчавки и таму да се пренесе мебелот.

    „Се усогласивме напуштениот резбан мебел во поранешното Матично, откако ќе биде репариран, да биде даде на МПЦ-ОА, која ќе го постави во просторија во рамките на Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, која што ќе послужи како просторија во која ќе може да се склучи граѓански брак. Благодарност до МПЦ-ОА, благодарност до градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ и до семејството на познатиот резбар Нестор Алексиев-Мирчевски, што ова богатство повторно ќе го ставиме во функција“, вели градоначалникот Шилегов.

    Почетокот на градежните работи за реконструкција на објектот кој со години беше затворен, го покажа вредниот мебел кој сосем незаштитен е оставен да скапува во бараката во дворот на Општина Центар. Станува збор за столиците и масата на која младенците седеа при склучување на бракот и витрината во која се чуваа потребните документи, изрезбани во ореово дрво. Поради ваквите слики од старото Матично и вредниот мебел, САКАМДАКАЖАМ.МК разговараше со членови од семејството на Алексиев-Мирчевски, кои ни рекоа дека се разочарани од сликите кои ги виделе и апелираат овој вреден мебел да се сочува. Велат дека мебелот бил изработен во периодот од 1948 до 1951 година кога нивниот дедо бил ангажиран да работи во дрвната индустрија „Црвена ѕвезда“.

    Нестор Алексиев-Мирчевски, роден во Осој, Дебарско на 25 март 1873, а починал во Скопје на 17 јули 1969. Зад себе остави големо дело кое може да се сретне во резбарските иконостаси во Македонија и во други балкански земји. Во 1939 година ја освоил првата награда на Светската изложба на уметничкото занаетчиство во Берлин. Негови подвизи се спасувањето на иконостасот од црквата „Свети Спас“ во Скопје во 1944 и изработувањето за 21 ден на саркофагот во резба во 1947 со кој се пренесени моштите на Гоце Делчев од Бугарија во Македонија.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира