Откако Министерството за животна средина побара од Општина Велес да преземе акција за побрзо завршување на реконструкцијата на улицата Благој Ѓорев и да го задолжи изведувачот почесто да ја прска улицата со вода за да се намали концентрацијата на ПМ10 честичките, од локалната власт информираат дека редовно вршат контроли, но нема ефект.
„Во изминатите два месеца, Одделението за заштита на животната средина редовно вршеше увид во работењето на проектната локација и редовно беа известувани и изведувачот на работите и надзорниот орган дека прскањето на работните површини е задолжително. При увидот на 3 април е констатирано дека градежните активности се во тек, но цистерната со вода не е на локацијата и не било извршено прскање. Итно е препратен допис до изведувачот и до надзорниот орган со барање секојдневно да се прскаат работните површини и патеки, со цел намалување на емисиите на ПМ10 честичките во воздухот“, информираа од Општина Велес.
Поради истите градежни работи, единствената мерна станица во Велес не работеше од 1 до 8 февруари.
П. ПЕЧКОВ