Веќе втор месец јавниот превоз во Скопје е во колапс, автобусите се редуцирани, а кога ќе дојдат на станица се преполни. Откако градоначалничката Данела Арсовска се скара со приватните превозници и тие престанаа да возат оти не им е исплатен долг од 1,5 милиони евра, на улиците нема доволно автобуси, па патниците со саати стојат на постојките. Наутро и попладне автобусите се преполни, патниците не можат да се качат и чекаат да дојде друг автобус кој исто така е полн. Се доцни на работа, на училиште, на лекарски преглед, а попладне граѓаните не можат да стасаат дома.
Екипата на САКАМДАКАЖАМ.МК се возеше со јавниот превоз низ градот. Станиците беа полни со патници и во автобусите немаше место. Патниците висеа залепени на вратите за да можат да влезат, а половина остануваа на станиците.
„Сега помина 22-ка преполна, не можевме да се качиме и којзнае кога ќе дојде друга бидејќи нема автобуси, редуцирани се, немаат никаков распоред. Со саати ќе чекаме“, рече патник кој со своите две малолетни деца чекаше автобус на станицата кај ТЦ „Сити мол“.
„Еден автобус на пола саат поминува и во тој не можеш да влезеш бидејќи е полн, па мора да чекаш нареден и да се надеваш дека ќе можеш да влезеш. Ова е катастрофа, ЈСП немаат доволно автобуси да функционираат самостојно“, вели патник кој чекаше автобус на постојката кај „Симпо“ и секој ден користи јавен превоз за да стигне на работа.
Проблемот настана откако приватниците престанаа да возат, па и на нивните линии сега сообраќаат возила на ЈСП. Но, претпријатието нема капацитет да ги задоволи во целост овие линии и затоа сега превозот е редуциран, на другите линии се пуштаат помалку автобуси, за да има по некој автобус на линиите кои ги држеа приватниците.
Градоначалниката Данела Арсовска постојано тврди дека има автобуси на улиците, но и покрај тоа распиша нов оглас за приватни превозници за линиите 9,11,12, 20 и 22 кој трае до јануари. Долгот на приватните превозници од 1,5 милиони евра нема намера да го плати.
ЈСП „Скопје“ сепак доби субвенции од Град Скопје, откако на вонредна седница која се одржа доцна прексиноќа советниците од сите советнички групи гласаа „за“. Со тоа, Скопје од 1 јануари нема да остане без јавен превоз, како што најави градоначалничката Данела Арсовска откако на редовната седница одлуката не беше изгласана.
Градоначалничката Арсовска како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на изборите победи токму со ветувањето за брз, ефикасен и бесплатен јавен превоз, како и набавка на 250 еколошки автобуси. Во првата година од мандатот не само што ова ветување не го исполни туку јавниот превоз во градот е во колапс, а за прв пат во историјата Скопје еден ден остана и без него откако ЈСП „Скопје“ не возеа бидејќи немаа земено плата.
А. АНТЕВСКА