ВТОРПАТ ИСКРШЕНИ ЦВЕТНИТЕ ЖАРДИНИЕРИ НА КЕЈОТ НА ОТИЊА ВО ШТИП, „ИСАР“ ПОДНЕСЕ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ПРОТИВ ГРУПА МЛАДИ

    ВТОРПАТ ИСКРШЕНИ ЦВЕТНИТЕ ЖАРДИНИЕРИ НА КЕЈОТ НА ОТИЊА ВО ШТИП, „ИСАР“ ПОДНЕСЕ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ПРОТИВ ГРУПА МЛАДИВо двата случаи најголема штета претрпеле жардиниерите поставени на заштитната ограда од двете страни на реката Отиња, и тоа во најстрогиот центар, на потегот меѓу Каменик мост и Влашкиот мост, во должина од околу сто метри. (Фото: СДК.МК)

    Јавното комунално претпријатие „Исар“ од Штип поднесе кривични пријави против група млади лица кои синоќа ги вандализирале цветните жардиниери поставени на двете страни од заштитната железна ограда покрај реката Отиња, во центарот на градот. Пред еден месец се случил сличен инцидент, кога исто така група млади лица, кои сè уште не се идентификувани, искршиле повеќе жардиниери поставени долж кејот на Отиња.

    За двата вандалски чина, станари од околните згради обезбедиле видеоснимки, кои јавно биле објавени преку Регионалната штипска телевизија М.НЕТ. Видеоматеријалот бил доставен до ЈП „Исар“, од каде заедно со кривичните пријави е проследен до надлежните институции и служби заради откривање на сторителите.

    Во двата случаи најголема штета претрпеле жардиниерите поставени на заштитната ограда од двете страни на реката Отиња, и тоа во најстрогиот центар, на потегот меѓу Каменик мост и Влашкиот мост, во должина од околу сто метри.

    Според раководството на ЈП „Исар“, направена е значителна материјална штета.

    „Во должина од два километра, целиот кеј на реката Отиња во центарот на Штип е комплетно уреден со поплочено корито, шеталишта и тревни површини, а на заштитната ограда од двете страни покрај кејот беа поставени пластични жардиниери збогатени со разни видови цвеќиња во зависност од сезоната, како дел од проект финансиран со средства доделени од македонскиот Парламент како урбана инвестиција “, велат од претпријатието.

    Од ЈП „Исар“ велат дека и по обата случаи на вандализам веднаш биле поставени нови жардиниери, и очекуваат сторителите да бидат откриени и санкционирани.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира