ЗА 10 МЕСЕЦИ 562 ГРАЃАНИ КАСНАТИ ОД КУЧЕ ВО СКОПЈЕ, „ЛАЈКА“ ОБУЧУВА ТРИ ТИМОВИ ЗА ЗАЛОВУВАЊЕ

    ЗА 10 МЕСЕЦИ 562 ГРАЃАНИ КАСНАТИ ОД КУЧЕ ВО СКОПЈЕ, „ЛАЈКА“ ОБУЧУВА ТРИ ТИМОВИ ЗА ЗАЛОВУВАЊЕЗаловените кучиња ќе се носат во стационарот „Лајка“ каде со нив ќе се постапува на хуман начин според принципот „Залови, стеризизирај, врати“. (Фото: Град Скопје)

    Јавното претпријатие „Лајка“ почна со обуки на лицата кои ќе вршат заловување на кучињата скитници од скопските улици. Во Центарот за благосостојба на животни при Факултетот за ветеринарна медицина, првиот тим составен од тројца заловувачи ја заврши едукацијата, а во наредните денови ќе бидат обучени уште два тима.

    „Заловувањето на кучињата на хуман начин ќе го вршат три тимови, кои ќе бидат обучени за тоа и ќе добијат сертификати. Кадарот е нов и сите се љубители на животни со долгогодишно искуство со кучиња. Не би сакала многу да го коментирам работењето во минатото, но повеќе од јасно е дека немало ред и е неспоредливо со она што сега го нуди ‘Лајка‘, прво инфраструктурно, а потоа и концепциски. Со новиот концепт јасно се дефинирани обврските на секој од вработените, така што се знае точно кој и за што може да биде повикан на одговорност. Се работи со живи суштества и посветеноста мора да биде на највисоко ниво за хуман третман на кучињата, а граѓаните да имаат сервис каков што заслужуваат“, вели директорката на „Лајка“ Тина Петрушевска.

    Од почетокот на годинава до сега според податоците на Министерството за внатрешни работи, 562 граѓани пријавиле дека се каснати од куче. Со оглед на тоа дека година и половина стационарот не работеше поради реновирањето, уличните кучиња низ Скопје не се заловуваа, ниту се третираа.

    Директорката Петрушевска вели дека до нив пристигаат многубројни претставки од граѓани за улични кучиња и тие веќе почнале да постапуваат, но на сосема поинаков начин од порано.

    „Предност секако им дадовме на оние повици кои што се однесуваат на каснати граѓани, каде што во моментов работиме на комплетирање на пријавите со точна локација, фотографии и извештај од доктор-специјалист за да нема злоупотреби како во минатото. За жал, многу претставки не се во доменот на нашето работење, но секако ние ги проследуваме до соодветните институции. Морам да напоменам дека сме во постојана комуникација со Агенцијата за храна и ветеринарство од која за кратко очекуваме да ни дозволи пристап во нивната електронска база на податоци за да можеме да постапиме по нашиот акциски план“, вели Петрушевска.

    Анализите кои ги правела „Лајка“ со Агенцијата за храна и ветеринарство покажале дека на скопските улици има 1.970 кучиња.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира