ЗА 15 ГОДИНИ ТРОЈНО СЕ НАМАЛИЛ БРОЈОТ НА СПОРТСКИ РИБОЛОВЦИ ВО ВЕЛЕШКО

    ЗА 15 ГОДИНИ ТРОЈНО СЕ НАМАЛИЛ БРОЈОТ НА СПОРТСКИ РИБОЛОВЦИ ВО ВЕЛЕШКОГлавна причина за намалениот број спортски риболовци е што варира водостојот на Вардар (Фото: СДК.МК)

    Се намалува бројот на спортски риболовци во Велешко, покажуваат бројките на здружението на спортски риболовци „Бабуна“ од Велес. На риболовниот ревир „Вардар 4“ лани годишна дозвола извадиле 529 спортски риболовци, што е за 122 помалку во однос на 2022, додека во 2021 биле дури 884.

    Главна причина за намалениот број спортски риболовци е што варира водостојот на Вардар поради запирање и испуст на вода од акумулацијата Козјак. Превисокото ниво на водата не дозволува рибарење, со што се намалени и деновите за рибарење во текот на годината“, вели Ангел Тодоров, потпретседателот на ЗСР „Бабуна“.

    Пред 15-ина години, ЗСР „Бабуна“ броела и по 1.500 членови. Риболовниот ревир „Вардар 4“ ги покрива реките Вардар, Отовица, Тополка и Бабуна по целото течение, како и делови од долниот тек на Црна Река и Брегалница.

    Членовите на „Бабуна“ и рибочуварската служба се грижат за рибниот фонд во ревирот со кој управуваат. Согласно добиената концесија, должни се еднаш годишно да ги порибат водите со подмладок на риба. Така на истекот на 2023 во езерото Младост и во реките Вардар, Тополка и Бабуна пуштија 580 килограми, поголем дел крап и помалку пастрмка.

    Намалувањето на бројот на спортски риболовци остава простор и време за рибокрадците. Податоците покажуваат дека во последните години е намален бројот на откриени мрежи за криволов на риба. Лани биле откриени 20 мрежи, но не и нивните сопственици, поради што не се поднесени кривични пријави.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира