ЗА 20 ОТСТО ПОВИСОКИ ОД ЛАНИ СЕ ЦЕНИТЕ НА ДОБИТОКОТ КОЈ СЕ ПРОДАВА ЗА КУРБАН БАЈРАМ ВО ТЕТОВО

    ЗА 20 ОТСТО ПОВИСОКИ ОД ЛАНИ СЕ ЦЕНИТЕ НА ДОБИТОКОТ КОЈ СЕ ПРОДАВА ЗА КУРБАН БАЈРАМ ВО ТЕТОВОАдетот вели дека секој муслиман треба да овој празник да купи некое домашно животно, да го заколе и месото да го раздаде на роднините, комшиите и пријателите. (Фото: СДК.МК)

    Просторот околу градскиот стадион во Тетово секоја година се претвора во сточен пазар пред верскиот празник Курбан бајрам, кој се слави задутре. Се продаваат овци, кози и крупен добиток. Оваа година, пазарот е многу посиромашен во однос на претходните, но цените се за околу 20 отсто повисоки. Дел е затоа што годинава се дозволи да се отвори уште еден пункт за продавање на добиток на просторот на поранешниот воспитно-поправен дом, но тие што продаваат велат дека годинава има помалку добиток, бидејќи на сточарите не им се исплатува да го чуваат.

    Но сепак, за Курбан бајрам традицијата мора да се запази па на овој импровизиран сточен пазар има и продавачи, а и купци. Се гледа да се избере најубавиот овен или овца иако цените се нешто повисоки од минатата година.

    „Продадов еден овен за 200 евра, а другиот, кој беше поголем го дадов за 280 евра. Минатата година цените беа од 140 до 180 евра, но се е поскапо па и ние моравме да ги подигнеме цените. Муштерии има ама многу се ценкаат. На нив им е скапо, а ние не сакаме евтино да продадеме, но се наоѓаме така на средина“, вели Џемаил од село Вејце.

    „Овој капиталец го продавам за 350 евра. Овците ги давам од 160 до 180 евра. Ова се цени малку повисоки од лани, но слабо има муштерии. Еве веќе два дена продавам ама тешко оди“, се жали Ќерим од тетовското село Џермо.

    На овој сточен пазар се продава и крупен добиток чија цена достигнува и над 1.000 евра. (Фото: СДК.МК)

    Освен што имаат проблем со продажбата, овие луѓе многу се жалат на општинските власти кои и оваа година им создаваат проблем околу местото на продажба на стоката. Тетово уште нема сточен пазар, па за Курбан бајрам последниве години се користи просторот околу градскиот стадион. Годинава, Општина Тетово првин пушти информација дека место за продажба ќе биде на просторот на поранешниот воспитно-поправен дом, па потоа се премисли и повторно дозволи овие два дена стока да се продава и кај градскиот стадион. Ова создаде конфузија и кај продавачите и кај инспекцијата која првин ги бркаше продавачите од овој простор, а потоа дозволи да продолжи продажбата.

    „Тешко оди пазарот. Не ни даваат од Општина овде да продаваме. Дојдоа сабајле од Општината и полиција и нè бркаат од овде. Јас со моите 4 деца цела зима поминавме во Штип каде се овците на пасење. Ако овие два дена, колку што трае пазарот за Курбан бајрам, не земам пари, не знам што ќе правам. Храна треба да купам за овците, семејство да гледам, а тие не ми даваат да продавам. Продадов неколку овци, па се надевам дека до крајот на денот ќе продадам уште неколку ако не дојде инспекцијата пак да нè брка“, револтирано зборува Нафија од село Вејце.

    На овој сточен пазар се продава и крупен добиток чија цена достигнува и над 1.000 евра. Но, и покрај сите потешкотии и зголемени цени празникот мора да се испочита, па за некои од купувачите и не е толку битна цената, туку е важно да купи убаво и добро одгледано животно.

    „Овој овен го платив 200 евра. Лани беше малку поевтино. Ова е трет овен кој денеска го купив. Кога купуваш за Курбан барјам нема да гледаш колку е, како е, се купува адет да се прави“, вели Фередин од Ново Село.

    Адетот вели дека секој муслиман треба да овој празник да купи некое домашно животно, да го заколе и месото да го раздаде на роднините, комшиите и пријателите. Исто така, верниците од муслиманска вероисповест за Курбан бајрам се одат на аџилак во градот Мека во Саудиска Арабија. Оваа година од Тетовско на аџилак заминале 466 лица.

    З. АНДОНОВ 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира