За време од 130 години откако постои високото обрaзование и најнапредната научна истражувачка работа на дејци кои се родени, потекнуваат или учеле во Штип, досега од овој град докторирале 250 лица кои својата научна истражувачка дејност ја спровеле во повеќе сфери од највисокото образование.
Пред 23 години по повод Денот на ослободувањето на градот 8 Ноември, Штип востанови Митровденски средби, манифестација која во Националната универзитетска библиотека „Гоце Делчев “ во овој град се промовираат новите доктори на науки кои својата научна работа ја заокружиле меѓу двата празника од Денот на ослободувањето на градот 8 Ноември.
Така, за 23 години, заедно со годинашниве нови 7 научници, Штип промовираше 150 доктори на науки. Но, според педантната евиденција на Делчо Везенковски кој до скоро го водеше Роднокрајното одделение на библиотеката во Штип за овие научни звања, претходно во изминатите 100 години од кога е започнато со вакво образование од највисок ранг докторирале само 100 научници. Разликата во бројки од една страна покажува какви биле заинтересираноста и можноста на кандидатите, а од друга според некои научници, какви биле критериумите за докторирање.
„Сите нивни трудови се депонирани во Роднокрајното одделение кое грижливо ги чува, а по потреба и ги издава кога некои од читателите ќе пројават интерес за нивните дела кои хронолошки се подредени. Има оддели на доктори на науки пред и по Втората светска војна, како делата на најновите доктори на науки кои се во рамките на Митровденските средби“ вели Везенковски чија работа по неговото пензионирање ја продолжи колегата, Тодор Џидров.
„Постојано ги известуваме високообразовните установи да ни доставуваат списоци на имиња на новите доктори на науки кои потекнуваат од Штип и ги систематизираме хронолошки и по нивните научни области. Роднокрајното одделение располага со трудови на плејада познати научни работници“ вели Џидров.
Проф. д-р Верица Јосимовска од Институтот по историја и археологија во своите истражувања констатирала дека постои еден период во штипската историја за којашто велиме дека е период на педагошки реформи на Јосиф Ковачев, роден во Штип. Со неговото име е поврзан почетокот на модерната ера на педагошко-просветната работа во Штип и во поширокиот регион на Балканот.
Според други истражувања, меѓу првите доктори на науки од Штип се и Љубомир Милетиќ, научник по филологија. Тие, живееле во време кога високото образование го продолжувале во некои од Балканските центри чии држави кога виделе дека се работи за врвни научници веднаш биле прифатени да работат во нивните институти, а на некои дури им давале и високи државничките функции, посебно како што е случајот со Јосиф Ковачев кој последните години од животот ги поминал во Софија.
Посебно долга е листата на штипски доктори на науки по Втората светска војна. Емануел Чучков, доктор по географски науки, член на Президиумот на АСНОМ и истакнат општественик и универзитетски професор, потоа генерал Михајло Апостолски, командант на партизанските одреди во Македонија, доктор по воени науки и Јордан Поп Јорданов кој не е роден во Штип, но Гимназија завршил во овој град, а по доктирањето на технички науки, група физика станува познат светски физичар кој пред да се врати во Македонија работел во научниот институт за нуклеарни науки „Винча“ кај Белград.
По нив доаѓа нова генерациска плејада на доктори на науки, како што се поетот Ацо Шопов, академик на МАНУ и доктор по книжевност и литература, Киро Глигоров кој целиот свој живот и како адвокат се занимавал со правни и економски истражувања и стана првиот претседател на независна Македонија, потоа Александар Грличков, доктор по економски науки, па неговиот помлад колега , исто така доктор по економски науки и прв премиер на независна Македонија, Никола Кљусев.
Потоа следуваат докторите на науки од Штип кои во своите научни истражувачки области оствавиле светски белези. Доктор Жан Митрев кардиохирург од светски размери, па Методи Чепреганов доктор по медицински науки од областа на невропсихијатријата и епилептологијата со 240 научни трудови и 130 монографиии од овие области објавени на македонски, англиски и француски јазик, доктор Коста Балабанов од областа на историјата и археологијата.
Хронолошки во Роднокрајното одделение се ноаѓаат и трудовите на докторите на науки кои на еден или друг начин се основачи на Универзитетот „Гоце Делчев“во Штип. Тоа се доктор Саша Митрев од областа на заштитата на растенијата и фитопаталогијата кој беше и прв ректор на Штипскиот универзитет.
Во групата на основачи на овој универзитет се и професорите, Блаже Боев доктор по рударско-геолошки науки, посебно од областа на петрологија, минералогија и биохемија кој исто така во 17-годишното постоење на Yниверрзитетот беше ректор, па неговите колеги Тодор Серафимовски, доктор по рударско-геолошки науки кој беше и раководител на Националниот совет за виоко образование и сегашниот ректор, Дејан Мираковски кој докторираше на тема: Анализа, проектирање и оптимизирање на локалните вентилациони системи во рудниците и тунелите. Овие тројца доктори на науки не се родени во Штип, но целиот свој работен век или поголем дел од својкот живот го поминиле во градот под Исарот и нивните трудови се дел од Универзитетската библиотека „Гоце Делчев“ во Штип.
Во оваа група од научен и основачки аспект треба да се додаат и штипските професори Тодор Делипетров, доктор по геофизика, како и професорите Тодор Чепреганов, доктор по историски науки и Влатко Гичев, доктор по машински и градежни науки и сеизмологија што ги оформил на Универзитетот Калифорнија каде и денес е чест предавач.
Потоа доаѓа големата група доктори на науки кои научно истражувачката работа ја заокружиле и верификувале на Универзитетот „Гоце Делчев“ од кои поголемиот дел се од Штип и како доктори на науки својата професорска и научно истражувачка работа ја продолжиле на Универзитетот на кој докторирале.
Најмладата група штипски доктори на науки ја предводи Панче Наумов доктор по хемија кој својата работа ја започна во најпрестижниот институт во Јапонија, потоа Наташа Атанасковска-Мешинковска докторка по молекуларна биологија. Таа докторирала на Универзитетот „Ирвинг“ во Калифорнија каде работи како експерт по дерматалогија. Како предводник на тимот експерти минатата година ја доби престижната награда по медицина, „ ИГ-Нобел“ за научниот труд „ Квантафикација на кадаверични назални влакна“ која се однесува за паѓањето на косата и влакната од телото.
„Од најновите доктори на науки вниманието посебно го свртува младиот истражувач од Штип, Драгана Папарова, која докторирала на Универзитетот Акдер во Норвешка каде станува експерт по информациски системи, но и сите останати доктори заслужуваат внимание со своите научни трудови. Годинава се промовираа вкупно 7 доктори на науки и сите се жени. Покрај Папарова која не можеше да допатува од Норвешка, тоа се уште: Адријана Хаџи Николова, доктор по филолошки науки, Наташа Мирославева, доктор по правни науки, Мила Митрева, доктор по економски науки и докторите по стоматолошки науки, Емилија Рамбабова, Верица Тонева Стојменова и Сандра Атанасова“, вели Тодор Џидров од Роднокрајното одделение на Штипската библиотека „Гоце Делчев “ во Штип.
Т. ЈОВАНОВСКИ