ЗА 24 ОТСТО ПОСКАПЕ ВОДАТА ВО КУМАНОВО

    ЗА 24 ОТСТО ПОСКАПЕ ВОДАТА ВО КУМАНОВОПросечната сметка за вода лани била 700 денари, со поскапувањето сметката ќе биде повисока за 165 денари и ќе изнесува 865 денари. (Фото: СДК.МК)

    За 12,5 денари ќе се зголеми цената на водата во Куманово. Наместо досегашните 52,98 денари, ЈП „Водовод“ со новите сметки за снабдување со вода, собирање, одведување и прочистување на отпадните води ќе наплаќа 65,54 денари за метар кубен.

    „Зголемувањето на цената на водата за оваа година е за 24 проценти. Просечната сметка за потрошена вода по корисник во 2023 година изнесуваше 700 денари, сега сметката ќе биде повисока за 165 денари и ќе изнесува 865 денари, или на годишно ниво би изнесувало 2.016 денари. За 2025 година зголемувањето ќе биде 28 проценти и или 68.06 денари и во 2026 уште за 4 проценти или 70.59 денари“, го образложи предлогот директорот на ЈП „Водовод“ Оливер Стојмановски пред советниците на седница во Советот на Општина Куманово.

    Тој кажа дека корекцијата на цената е законска обврска наложена од Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесена уште на 18 јануари годинава, а дадениот опсег изнесува од 19 до 42 отсто. Тие водејќи сметка за социјалната компонента се одлучиле покачувањето да биди меѓу близу до минимално.

    Со ова зголемување тој смета дека претпријатието ќе може нормално да функционира, иако во него не се вкалкулирани непредвидените трошоци, како инфлацијата, зголемувањето на електричната енергија и минималната плата, како и хаварии слични на оние кои се случија пред еден месец, кога Куманово остана 10 дена без вода за пиење. Стојмановски потсети дека со тоа што одлуката не е донесна пред 6 месеци, претпријатето изгубило 24 милиони денари, колку што во моментот им недостасуваат за нормално функционирање и редовно ислаќање на платите.

    Советниците од опозицијата побараа Општина Куманово да ја субвенционира разликата во цената и со тоа дирекно да помогне претпријатието и на граѓаните. Дел обвинија дека кумановци плаќаат скапа вода, а не добиваат квалитетно водоснабдување.

    ЈП „Водовод“ има проблеми во работењето, поради стари долгови од околу 9 милиони евра кон АД „Водостопанство“ од кое ја купува сировата вода и ЕВН поради големата потрошувачка на електрична енергија на пречистителната станица за отпадни води, за што нема помош од државата.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира