Минатата година во Велешко е зголемен бројот на сообраќајни несреќи. Регистрирани се 358, или за 80 повеќе од 2024, што претставува зголемување од 30 отсто. Зголемен е и бројот на жртви, од пет починати во 2024 година на осум во 2025.
„Најголем број од сообраќајките се случиле на новиот експресен пат Прилеп-Градско, на исклучокот кај Градско“, вели Ненад Дејаноски, командир на Полициската станица Велес, образложувајќи го годишниот извештај за работата пред членовите на Советот на Општина Велес.
Овој дел од експресниот пат е т. н. црна точка, бидејќи свиокот е остар и се случуваат несреќи зашто пред исклучувањето се вози со над 100 километри на час, а нема соодветна сигнализација за предупредување на опасноста.
Лето 2025, во текот на два месеца, оваа критична делница однесе пет човечки животи. На 6 август две лица од Делчево загинаа откако со автомобилот излетаа од патот односно од исклучувањето. Претходно на ова место загинаа уште три лица, а дете доби тешки повреди.
- ДВАЈЦА ЗАГИНАТИ ОТКАКО АВТОМОБИЛ ИЗЛЕТА НА ИСКЛУЧОКОТ ОД НОВИОТ ЕКСПРЕСЕН ПАТ ПРИЛЕП-ГРАДСКО, ДОСЕГА ПЕТ ЖРТВИ ЗА ДВА МЕСЕЦА НА ОВА МЕСТО
- ЖИТЕЛИТЕ ПОКРАЈ НОВИОТ ЕКСПРЕСЕН ПАТ ГРАДСКО-ФАРИШ СТРАВУВААТ ЗА ЖИВОТИТЕ, КОЛИ ИМ ВЛЕТУВААТ ВО ДВОРОВИТЕ И РАЗМИСЛУВААТ ЗА БЛОКАДА
По серијата текстови објавени во САКАМДАКАЖАМ.МК, директорот на Јавното претрпијатие за државни патишта Kоце Трајановски на 8 август 2025 најави дека ќе се менува вертикалната сигнализација, а во подготовка е и нов сообраќаен проект за исклучокот.
Во сообраќајките во Велешко, заедно со општините Чашка и Градско, 212 лица добиле повреди, од кои 42 со тешки, а 170 со телесни повреди. Во 2024 имало 181 повредени, од кои 39 со тешки, а 142 со лесни телесни повреди.
Минатата година на возачите во Велешко им биле изречени 8.271 платен налог поради сторени сообраќајни прекршоци. Од нив, 2.161 се евидентирани на делницата од автопатот А1 што ја покрива Полициската станица за Велес, од тунелите кај Катланово до локалитетот Стоби. Тоа значи дека секој четврти прекршок лани бил на автопатот.
П. ПЕЧКОВ



