ЗА 500 ДЕНАРИ ПОСКАПЕ ПРЕСТОЈОТ ВО ГРАДИНКА ВО ВЕЛЕС, ОД ВЛАСТА ВЕЛАТ ДЕКА ТОА Е НЕОПХОДНО ОТИ СÈ Е ПОСКАПЕНО

    ЗА 500 ДЕНАРИ ПОСКАПЕ ПРЕСТОЈОТ ВО ГРАДИНКА ВО ВЕЛЕС, ОД ВЛАСТА ВЕЛАТ ДЕКА ТОА Е НЕОПХОДНО ОТИ СÈ Е ПОСКАПЕНОНовата цена ќе се применува од февруари. (Фото: СДК.МК)

    Се покачи цената на престојот на децата во градинката ОЈУДГ „Димче Мирчев“ во Велес од 1.490 на 1.990 денари. Оваа одлука ја донесе Советот на Општина Велес со мнозинство гласови: 16 „за“ од ВМРО-ДПМНЕ, три „против“ од СДСМ и еден воздржан од Левица.

    Новата цена, која е предлог на Управниот одбор на ОЈУДГ, ја образложи директорката Наташа Јанушева. Со одлуката е предвидено секоја година во иднина висината на надоместокот да се усогласува според трошоците на животот и со просечно исплатената плата на сите вработени во државата, сума која ќе ја усвојува Советот на Општина Велес.

    „Со одлуката се менува цената донесена во 2004 година, Ова не е покачување, туку усогласување со економските услови и покачените трошоци за живот. За овие две децении просечната плата пораснала за 278 проценти. Во 2004, за едно дете во градинка родителот одвојувал 12,12 отсто од една плата, а лани 4,33 отсто од просечна исплатена плата. Колку е покачена струјата за овие 21 година? Во 2024 од партиципацијата на родителите има прилив од 14 милиони денари, 10 милиони се потрошени за храна. Децата се сместени во објекти некои изградени пред 50 години и потребна е реконструкција“, рече Јанушева.

    Опозициските советници реагираа како и на кој начин е извршена пресметката за покачувањето.

    „Како е дојдено до оваа цена? Нема методологија. Дали е пресметана потрошувачката кошничка, зошто се 500 денари, а не 510 или некоја друга сума? Не е кажано ниту каде ќе се трошат овие средства. Како родители плаќаме за боички, фломастери, спортски активности, за театар ако гостува, нема објаснување зошто се покачува цената“, кажа Мирјана Петрушевска-Савова, советничка од СДСМ.

    Владејачката партија преку советниците го бранеше покачувањето.

    „За периодот 2004-2025 имаме индекс на раст на цените, колку вредело тогаш, колку денес. Или, 1.490 денари во 2004 вредеа многу повеќе и можеле да се обезбедат многу повеќе нешта за градинка. Тоа треба да го имаме предвид“, рече Маја Дерменџиева од ВМРО-ДПМНЕ.

    На прашањето од советникот на Левица, Димче Ацков, за кои деца има субвенционирана цена за градинка, директорката одговори дека тоа се 15 деца од ромската популација, за кои Министерство за труд и социјала го плаќа надоместокот и сите деца со самохран родител, за кои надоместокот го плаќа Општина Велес.

    Новата цена ќе се применува од февруари.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира