ЗА 82 ДЕНА ИСЧИСТИВМЕ 150 ДЕПОНИИ, ЗА КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ ЌЕ ИМА ДРУГИ ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИИ, КАЖА АРСОВСКА

    ЗА 82 ДЕНА ИСЧИСТИВМЕ 150 ДЕПОНИИ, ЗА КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ ЌЕ ИМА ДРУГИ ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИИ, КАЖА АРСОВСКАГрадоначалничката на Скопје Данела Арсовска на презентацијата за сработеното за 82 дена од мандатот. (Фото: К. Попов)

    Во првите 82 дена од доаѓањето на функцијата реализиравме повеќе проекти од што ветивме, кажа градоначалничката Данела Арсовска која денеска даде отчет на сработенето. На презентацијата Арсовска кажа дека исчистени се 150 депонии, што е повеќе од она што го ветиле во кампањата кога биле детектирани 120 депонии.

    „И покрај тоа што во изминатиов период бев постојано напаѓана од оние кои ништо не сработија изминатите 4 години, ние реализиравме многу проекти за модерно Скопје. Ги вративме ноќните линии, продолживме одредени линии, почна да работи жичницата на Водно, ставивме одбројувачи на семафорите. Отворивме телефонска линија за проблеми на граѓаните, почнавме со активности за заборавените населби преку средби со жителите за детектирање на проблемите“, кажа Арсовска.

    Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК ја праша градоначалничката Арсовска кои ќе бидат капиталните проекти кои ќе ги реализира во нејзиниот мандат за да биде Скопје модерен град, како што вети во кампањата. На прашањето градоначалничката не даде конкретен одговор.

    „Денеска имаме тематска прес-конференција за досега сработеното. Во наредниот период ќе имаме тематски прес-конференции на кои ќе се презентираат проектите еден по еден. Навремено ќе бидете информирани“, одговори Арсовска.

    Таа кажа дека е формиран Зелен совет кој го сочинуваат експерти, професори и архитекти.

    „Седниците на Советот на Град Скопје се пренесуваат во живо. За првпат се врши ветинг на директорите, а парите за угостителски услуги ги пренаменивме за оброк за лицата од социјално загрозени семејства. Почнавме со нивелирање шахти на булеварите и улиците“, кажа Арсовска.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира