Владата во текот на неделава ќе му префрли 120 милиони денари (околу 2 милиона евра) на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) „Скопје“ за студентите да имаат бесплатен јавен превоз, најавија денеска премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука Весна Јаневска. Последната исплата на Министерството за образование и наука кон ЈСП е направена во 2021, кога се исплатени два милиони евра. Од 2022 до денес нема донесена одлука за вршење субвенциониран линиски превоз за студенти, а ЈСП самостојно решило да продолжи бесплатно да ги вози студентите.
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска во август рече дека Владата, односно Министерството за образование и наука (МОН) има долг кон Градот од 8 милиони евра за бесплатниот превоз на студентите.
„Претходната Влада три години не обезбедуваше средства за оваа намена и немаше донесено ваква одлука. Во изминатите нешто повеќе од 6 месеци имавме редовна и отворена комуникација со младите, со студентите за што повеќе ќе говори министерката. Често дискутиравме за нивните потреби, барања и наталожени предизвици. Бесплатниот јавен превоз ќе им овозможи поголема достапност до образованието и ќе ги ослободи од финансискиот товар, со што тие ќе можат повеќе да се фокусираат на своите студии и личен развој. Оваа мерка има се разбира и еколошки аспект. Поттикнувајќи ги младите да го користат јавниот превоз, намалуваме употреба на приватни возила, со што придонесуваме за почист воздух, помали емисии на штетни гасови и поздрави градови“, рече Мицкоски.
Б. НЕСТОРОСКА