Штип и околните села секоја година на 2 Август го одбележуваат Илинден, кога во алејата на борците и на споменикот и спомен-релјефот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во штипско Ново Село се положува цвеќе.
Истовремено, на тој ден одбележување има и на споменикот на стреланите четворица млади партизани од селото Долани, чие спомен-обележје се наоѓа веднаш до експресниот пат на 9 километри од Штип кон Радовиш, пред локалниот пат за селото.
На спомен-обележјето, подигнато во 1979 година, и денес стои плочата на која пишува дека на 3 август 1944 година младите партизани Методи и Станое Даневи, Крсто Митев и Ристо Стојков, сите од револуционерното село Долани, биле убиени од бугарскиот фашистички окупатор. Станое Данев претходно бил предложен за делегат за претстојното Прво заседание на АСНОМ во манастирот ,,Св. Прохор Пчински” кое се одржа речиси во истовреме со неговата погибија и стрелањето на неговите соборци во нивното родно село.
За овие настани малку се зборувало и пишувало, но според повеќе сведоштва и пишувани документи, младите доланчани биле уапсени една недела пред Илинден 1944 и затворени во затворот во Штип, каде паднала одлуката тие да бидат стрелани во нивното село на 2 август. Но, тој ден кога отишле за стрелба во селото и виделе дека имало големо празнување на Илинден, за да нема реакции ја одложиле егзекуцијата за наредниот ден, а тие со врзани раце и со големо војничко обезбедување биле чувани во зградата на селското училиште.
На 3 август, рано наутро без никој да види, младите партизани биле стрелани. Селаните и најблиските на младите револуционери уште на спиење слушнале стрелба и веќе знаеле дека со нивните соселани се случило најлошото. Сите биле стрелани во еден миг, а убијците веднаш го напуштиле селото.
„Бев многу млад кога татко ми ми кажа дека го следат и дека со него нешто ќе се случи. Тоа утро со брат ми отидовме да го напасуваме стадото крави горе во ридот, кога наеднаш слушнавме истрели долу во селото“, раскажуваше синот на стреланиот Крсто, Ангел Митев, познат стопанственик кој повеќе од 20 години сам го одржуваше спомен-обележјето сè до пред неколку години кога почина.
Поддржувачите на Сојузот на борците во Штип бараат од сите локални и државни институции да планираат одржување на вакви спомен-обележја кои се дел на голема и вредна историја на Македонија.
Т. ЈОВАНОВСКИ