ЗА ДА НЕМА ЛИСТИ НА ЧЕКАЊЕ ВО ВЕЛЕШКИТЕ ГРАДИНКИ, СЕ ЗГОЛЕМИ БРОЈОТ НА ДЕЦА ВО ГРУПИТЕ

    ЗА ДА НЕМА ЛИСТИ НА ЧЕКАЊЕ ВО ВЕЛЕШКИТЕ ГРАДИНКИ, СЕ ЗГОЛЕМИ БРОЈОТ НА ДЕЦА ВО ГРУПИТЕПроектираниот број дечиња кои можат да бидат згрижени во осумте клона е 982, а запишани се 1.108. (Фото: СДК.МК)

    Советот на Општина Велес донесе одлука за зголемување на бројот на деца по групи во градинката „Димче Мирчев“, што се должи на големиот интерес на родителите. Тие се сместени во шест клона во Велес и по еден во Градско и во Иванковци, во 53 занимални.

    „Проектираниот број деца кои можат да бидат згрижени во осумте клона на градинката е 982, а запишани се 1.108. Затоа ни е потребна оваа одлука за зголемување на бројот на деца по групи“, кажа директорката Наташа Јанушева пред членовите на Советот на Општина Велес.

    Тие едногласно ја прифатија, но прашаа дали процесот на згрижување ќе се одвива нормално со зголемен број деца по групи.

    „Законот за заштита на детето вели дека нормата за број на деца во една занимална за возраст од 5 до 6 години е 20 до 25 деца, а за деца од 4 до 5 години е 18 до 20. Ја разбирам потребата на родителите да ги запишат децата во градинка, и јас сум била дел од нив. Затоа ве поттикнувам да се размислува за проширување на капацитетите на градинката. Не знам како една воспитувачка или негувателка ќе се грижи за поголем број деца од 25, колку што е законскиот максимум. Но, потребно е и отворање на нови градинки“, рече Пандорка Прличкова, членка на Советот од редовите на СДСМ.

    Директорката Јанушева одговори дека поголем проблем е недостиг на човечки ресурси во градинката.

    „Капацитетите можеме да ги прошириме ако имаме доволно персонал. Во градинката има испразнети 24 работни места и испратено е барање за нивно пополнување“, рече Јанушева.

    Поради потребите на дел од родителите, од следната година работното време за згрижување деца е поместено од 5.30 до 18 часот.

    „Кај 62 деца се детектирани потешкотии во развој, а 112 деца имаат потешкотии со говорот. Сметам дека моменталниот број вработени во стручната служба е мал и не можат да одговорат на потребите на овие деца. Мое мислење е дека во секој објект треба да има вработено дефектолог, психолог и логопед“, кажа Маргица Урумова, членка на Советот од редовите на Левица.

    Директорката одговори дека не побарала нови вработувања, бидејќи според систематизацијата, сите места биле пополнети.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира