ЗА ДА СТИГНАТ ОД МОГИЛА ДО СКОПЈЕ КРУЖАТ ПРЕКУ БИТОЛА, МЛАДИТЕ ОД ПЕЛАГОНИЈА БАРААТ ЕФИКАСЕН ЈАВЕН ТРАНСПОРТ

    ЗА ДА СТИГНАТ ОД МОГИЛА ДО СКОПЈЕ КРУЖАТ ПРЕКУ БИТОЛА, МЛАДИТЕ ОД ПЕЛАГОНИЈА БАРААТ ЕФИКАСЕН ЈАВЕН ТРАНСПОРТМладите од руралните пелагониски општини побараа и поголема грижа за животната средина, отворање библиотека и повеќе можности за пракса во сите општествени сектори. (Фото: СДК.МК)

    Жителите од пелагониската општина Могила за да стигнат со воз до Скопје, прво треба да патуваат до Битола со автомобил или автобус, таму да фатат воз, па со него повторно да поминат низ Могила без да запрат и да тргнат за главниот град. Вака кружат откако беше пред неколку години укината железничката постојка во Могила при реорганизацијата на железничкиот превоз. Воведување ефикасен јавен транспорт со кој ќе бидат опфатени и руралните пелагониски општини беше едно од барањата на младите изнесени во рамки на проектот „Различни потреби, идентични права“, што како дел од Заедници инклузивни за млади го спорведува Националниот младински совет на Македонија.

    „Ефикасен јавен транспорт и негова оранизација според потребите на младите, односно воведување линии со фреквенција на движење во доволен обем и временски термини кога овие корисници имаат најголема потреба. Синхронизација на локалниот јавен транспорт со останатите јавни линии кои вршат поврзување со поголемите градови и особено со Скопје. Не сме големи колку Кина, па да не можеме да направиме синхронизација на главните линии кои поврзуваат еден град со друг и тоа да значи и развој на капиларна мрежа на ниво на рурални средини“, рече Рубин Николоски од „Про Локал“ презентирајќи ја анализата за специфичните младински потреби и проблеми во рурална Пелагонија.

    Младите побараа и поголема грижа за животната средина, со акцент за подобро управување со отпадот, дислокација на диви депонии, зголемување на бројот уредени зелени површини, отворање библиотека, инфоцентри, ресурсни центри, зголемени можностите за неформално образование, изучување странски јазици и пракса во сите општествени сектори. Проектот треаеше шест месеци, а 18 млади од девет рурални пелагониски општини беа обучени како во нивните општини да побарат поголеми права и можности за подобар живот.

    „Имавме презентација на млади од руралните средини кои точно мапираа што им треба. Се родија иницијативи кои сега сами ќе продолжат да ги тераат преку Советите во Општините. Младите од Новаци се изборија да отворат Младински културен центар и ќе го опремат просторот. Во Кривогаштани се оформи Локален младински совет, ги направија сите административни постапки, а претходно не ни знаеја што значи тоа“, рече проектната координаторка Елена Ѓероска.

    Имплементаор на проектот е и Здружението „Про Локал“, кое веќе неколку години е алка меѓу младите и локалните власти, а обезбедува и финансии од меѓународната заедница преку различни проекти и донатори тие да можат во пракса да ги извежбаат нивните иницијативи.

    „Во изминатите четири години имаме 16 реализирани проекти од мал обем кои од почеток до крај биле замисла, потреба, иницијатива, спроведен процес и резултат на младите. Низ нашите проекти поминаа над 150 млади од целиот Пелагониски Регион со фокус на оние од руралните средини кои беа интензивно обучувани од принципите на добро владеење до тоа како себеси да се претстават пред локалните авторитети“, рече Емилиа Ѓероска, претседателка на „Про Локал“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира