Обвинителството вчера добило известување од СВР Скопје за дивоизградените објекти во Општина Чаир кои изминативе денови ги објавува скопската градоначалничка Данела Арсовска. Таа на својот фејсбук профил објави дека со години во Чаир се гради на диво со знаење на градоначалникот Висар Ганиу.
„Во однос на сомненијата за објекти-дивоградби во Општина Чаир, Основното јавно обвинителство Скопје прими известување од СВР Скопје по кое веќе се постапува. Воедно, потсетуваме дека сите службени лица кои имаат сознанија или докази за извршено кривично дело имаат законска обврска тоа да го пријават на надлежните органи“, велат од Обвинителството.
На 21 мај, со вклучување во живо на Фејсбук, градоначалничката Арсовска со екипи од Град Скопје шеташе низ Општина Чаир и објави дека на неколку локации во Чаир се гради без добиена градежна дозвола. Вчера го обвини градоначалникот Висар Ганиу дека со фалсификувани документи легализирал 10-катница во Чаир и ја впишал во Катастар. Арсовска рече дека Ганиу на криминален начин низ Чаир легализирал згради и ги впишувал во Катастар.
„Си извршил легализации спротивно од закон, да објасниш како си ги впишал во Катастар, а од Град Скопје сите твои барања се одбиени. Ти си поднесувал фалсификувани одобренија од Град Скопје до Катастар, криминалецу, што цело време ми се закануваш. Ниту една ваква дивоградба нема во ниту една скопска општина, само Чаир вака си легализира со фалсификувани документи. Ти се лопов и криминалчуга. Дојди на главна каса, те чекам. Викаш оваа зграда се изградила во 2011 во фалсификуваните документи, а таа уште се гради“, рече Арсовска.
Арсовска рече дека изминативе 3 години спречила 150 дивоградби кои Ганиу сакал незаконски да ги легализира.
А. АНТЕВСКА