Честите поплаки на граѓаните за дивеењето на некои возачи по градските улици и на патиштата ја подигнаа мобилноста на полицијата за уште повеќе да ги засили сообраќајните контроли. По засилените мерки преземени во Скопје, на ред дојде Тетово каде што денеска се спроведе една таква засилена контрола на сообраќајот. Од МВР велат дека вакви контроли има не само во Скопје и Тетово туку и во сите градови и населени места во државата.
„За овој еден час додека тече акцијата во Тетово санкционирани се 70 возачи од кои најголемиот дел се за управување со нерегистрирани возила, возење без возачка дозвола и моторциклисти кои прават прекршоци во сообраќајот. Засилените полициски контроли продолжуваат во текот на целиот ден како и во наредните денови. Овие засилени акциски контроли ги спроведуваме дваесетина денови на територија на цела Република Северна Македонија и досега имаме изречено над 9.000 санкции за прекршоци во сообраќајот. Од нив најголем дел се за пречекорена брзина, возење без возачка дозвола, прекршоци на мотоорциклисти, нерегистрирани возила. Апелирам до граѓаните на Тетово, но и до граѓаните на цела Република Северна Македонија да се почитуваат сообраќајните правила и прописи не за да ги избегнеме казните туку заеднички да придонесеме за безбеден сообраќај на нашите улици и патишта во државата. Не е целта да се казнуваат граѓаните, напротив ние спроведуваме и превентивни мерки но мораме да имаме и вакви репресивни мерки за онаму каде превентивата не делува за да воспоставиме ред на улиците“, изјави портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
Ангеловски рече дека оваа засилена акциска контрола на ниво на целата држава таа ќе продолжи да тече и во наредниот период, а ќе се спроведува поединечно во сите градови. На новинарско прашање дали полицијата на тетовските улици ги толерира непрописно паркираните возила кои се на високи функционери од партиите, Ангеловски е дециден:
„Апсолутно нема толеранција за никого. Оној што ќе направи сообраќаен прекршок ќе биде соодветно санкциониран. Така е во сите градови, така е и во Тетово“ рече Ангеловски.
З.АНДОНОВ