ЗА ЕДНА НЕДЕЛА ДВОЈНО СЕ ЗГОЛЕМИ БРОЈОТ НА ЗАРАЗЕНИ СО КОРОНАВИРУС ВО ТЕТОВСКО, НАЈГОЛЕМ ПРОБЛЕМ Е КРИЕЊЕТО НА КОНТАКТИТЕ

ЗА ЕДНА НЕДЕЛА ДВОЈНО СЕ ЗГОЛЕМИ БРОЈОТ НА ЗАРАЗЕНИ СО КОРОНАВИРУС ВО ТЕТОВСКО, НАЈГОЛЕМ ПРОБЛЕМ Е КРИЕЊЕТО НА КОНТАКТИТЕЦентарот за јавно здравје вели дека во училиштата и градинките досега не се регистрирани кластери, туку само поединечни случаи на зараза (Фото: З. Андонов)

Како во целата држава, така и во Тетово и Тетовскиот регион ширењето на коронавирусот зема замав. Центарот за јавно здравје има полни раце работа и тука се прават и 100 тестирања дневно. Оттаму велат дека во изминатата недела има нагло зголемување на бројот на лицата заразени со коронавирус.

„Тетовскиот регион и градот Тетово се наоѓаат во фаза на висок ризик и широко распространета трансмисија на коронавирусот. Минатата недела, бројот на заразени се зголеми речиси двојно во однос на изминатиот период, при што се регистрирани 205 нови случаи на коронавирус. Ова јасно кажува дека мерките не се почитуваат, поради што има висока трансмисија на вирусот. Во овој момент имаме повеќе семејни кластери. Ако во летниот период 7% од направените тестови на дневна основа беа позитивни, сега состојбата е влошена и стапката изнесува 30%, исто како на државно ниво. Најголемата возрасна група на заразени е таа над 60 години, но сега имаме зголемување на бројот на заразени кај возрасната група од 30 до 39 години, па следуваат тие од 50-59 и 40-49 години. Ова значи дека во овој период најмногу се заразува активното население кое се движи низ градот и оди на работа. Видливо е дека најмал процент на зараза имаме кај децата“, вели д-р Сузана Субашиќ, раководител на Одделението за епидемиологија при Центарот за јавно здравје во Тетово.

Од март, Центарот за јавно здравје во Тетово има направено околу 8.000 тестови. Вкупниот број заразени се ближи кон 2.000, но најголем дел од нив се со лесна клиничка слика.

„Една од главните причини за брзото ширење на вирусот е што многумина ги кријат контактите. Тоа не е случај само кај нас, така и во целиот свет“, посочува Субашиќ.

Според Центарот за јавно здравје, во училиштата и градинките досега нема регистрирано кластери. Има само неколку поединечни случаи кои веднаш се ставени во изолација.

Од Кризниот штаб на Општина Тетово соопштуваат дека до денес, во Тетово и во петте околни општини се регистрирани 1.923 заразени лица, од 98 починале, а бројот на активни случаи изнесува 408. Во Клиничкиот центар во Тетово засега нема проблеми во однос на капацитетите и медицинскиот персонал.

З. АНДОНОВ

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира