ЗА МОМЧЕТО СО АУТИЗАМ ВО ПСИХИЈАТРИЈА БИЛЕ КОРИСТЕНИ ФИКСАТОРИ ОД ПЛАТНО И КОЖА ПОРАДИ АГРЕСИВНО ОДНЕСУВАЊЕ, А НЕ СИНЏИРИ, ВЕЛИ ДРЖАВНИОТ ИНСПЕКТОРАТ

    ЗА МОМЧЕТО СО АУТИЗАМ ВО ПСИХИЈАТРИЈА БИЛЕ КОРИСТЕНИ ФИКСАТОРИ ОД ПЛАТНО И КОЖА ПОРАДИ АГРЕСИВНО ОДНЕСУВАЊЕ, А НЕ СИНЏИРИ, ВЕЛИ ДРЖАВНИОТ ИНСПЕКТОРАТМинистерот за здравство Фатмир Меџити денеска се сретна со мајката на момчето, Салка Абдуловска. (Фото: МЗ)

    При третманот на 17-годишното момче со аутизам од Битола во Психијатриската болница во Демир Хисар биле користени фикасатори, а не синџири и други предмети за измачување, изјави Рената Младеновска, директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ). По нејзино барање, во болницата беше извршен вонреден инспекциски надзор откако во медиумите беше објавен случајот со момчето чии родители се пожалија дека било врзувано во Психијатриската болница и дека имало рани по телото.

    Вчера заврши увидот, а директорката Младеновска денес изјави дека фикасаторите што се користеле биле од платно или кожа и дека се применуваат само кај пациенти со изразено агресивно однесување.

    „Пациентот бил сместен на адолесцентското одделение, но поради изразената агресија и напад кон другите пациентки од женскиот пол бил пренесен на акутно машко одделение каде бил хоспитализиран останатиот период. Бил сместен во соба за фикасација за пациенти кои пројавуваат изразена агресија или насилничко однесување. Фиксаторите се применуваат само за пациенти со насилничко однесување, воопшто не станува збор за ланци или други предмети. Од сите досегашни редовни и вонредни надзори не сме начекале во психијастриските болници предмети за измачување на пациенти“, рече Младеновска.

    Таа додаде дека кожните и платнените фиксатори дозволено е да се применуваат кај агресивни лица во вакви установи врз основа на медицина базирана на докази. Младеновска рече дека медицинската документација што се водела за момчето била уредна и родителите редовно биле известувани за неговата состојба.

    Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска се сретна со мајката на момчето, Салка Абдуловска. Тој лично се запознал со случајот со цел Министерство да помогне во грижата за момчето. Како што соопшти Министерството, на средбата од Меџити беше изразено жалење за настанатата ситуација и тој потенцирал дека нема да дозволи никогаш несоодветен третман на пациентите, особено на малолетни лица.

    „Иако добив уверувања од менаџментот на болницата дека е постапено по сите протоколи со цел безбедност на пациентот, случајот и работењето на болницата Демир Хисар ќе биде под строг надзор на Министерството. Ги охрабрувам другите институции кои започнаа постапка да ги завршат за да се расчисти случајот до крај. Родителите на момчето ја имаат нашата поддршка. Разговаравме за нивните проблеми и ветивме дека ќе се заложиме на оваа семејство да му помогнеме, ќе направиме напори момчето да биде сместено во интернатот од училиште за деца со посебни потреби ‘Партениј Зографски’ во Скопје каде оди во училиште“, рече на средбата министерот за здравство Меџити.

    Мајката на 17-годишното момче, на средбата кажа дека дополнително семејството било вознемирено со објавување на лажни фотографии во јавноста, каде биле изнесувани невистини дека се работи за нејзиното дете, прикажувајќи момче како седи на земја врзано за кревет. Министерот за здравство упати апел до целата јавност сите да внимаваат кога споделуваат вакви чувствителни вести, вели Министерството.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира