Три месеци се чистеше брегот на езерото Младост кај Велес и со тоа заврши првата од трите активности за ревитализација на езерото. Се најавува дека деновиве, откако ќе се врати механизацијата на АД „Водостопанство“, ќе продолжи отстранувањето на земјата и трската кои беа собрани на брегот.
„За трската која ја исековме имавме дозвола од Министерството за животна средина и мораше да се отстрани оти во водата околу неа се изумрените пласти кои пливаа преку лето на површината. Оставивме трска кај бродот и во заливот на Рудничка Река. Деновиве ќе се распише јавен повик за изведувач на бушотини“, кажа Ване Маневски, директор на ЈВП „Лисиче“, кое од Владата е назначено за носител на проектот за ревитализација на езерото Младост.
За отстранетата земја и исечената трска има одредена локација, во согласност со Министерството за животна средина, каде ќе се депонира и нема да предизвикува проблеми. Кога ќе се исчисти брегот, се планира да се посипе со речен песок и да се создаде плажа од страната на патот од Велес до браната.
Комисијата за следење на состојбата на езерото, во која членуваат владини и општински претставници, стручни лица и екологисти, побара три активности кои треба да се преземат и реализираат од страна на локалната власт, а се однесуваат на подобрување на состојбата со водата во езерото Младост.
„Постои проблем со т.н. мал колектор, кој е на левата страна од патот Велес-брана езеро Младост, поставен пред еко-кампот на хотелот ‘Глориус’. Тој дел не е предаден на ЈКП ‘Дервен‘ за одржување. Комисијата за утврдување на техничката исправност на системите кои не се во владение на локалната власт треба да изврши теренски увид и по воведување во исправна состојба, да биде предаден на одржување. Второто барање е да се санира дел од постојниот колекторски систем меѓу мотелите ‘Бела вода’ и ‘Романтик’, кој е на пониско ниво од нивото на езерото, поради што доаѓа до поплавување на шахта и мешање на водите. Трета работа е да се продолжи со чистење на коритото на Отовичка Река“, кажа Антоанета Стојанова, претседателка на Комисијата.

Откако ќе се врати механизацијата на АД „Водостопанство“ на терен, ќе се продолжи со отстранувањето на земјата и трската кои беа собрани на брегот. (Фото: СДК.МК)
Таа потенцираше малиот колектор да биде предаден на ЈКП „Дервен“ во исправна состојба оти според вработените во ЈКП „Дервен“, во 2021 постојниот колекторски систем за отпадни води од населените места Кумарино, Сојаклари, Отовица и сателитска населба им бил предаден неисправен.
„Се исчисти дел од Отовичка Река во должина од 460 метри од вкупно 2,2 километри. Средствата од четири милиони денари, кои беа предложени за продолжување на чистењето, годинава се пренаменија за други активности. Зимава, по подолго време, водата од реката протече до езерото“, кажа Јованче Манасков, советник од СДСМ.
И понатаму не е извршено испитување на присуство на цијанотоксини во водата, нешто што една година го бара Центарот за јавно здравје. Евидентирано е присуство на цијанобактерии, но не е познато дали излачуваат цијанотоксини. Има 60.000 цијанобактерии, од нив 200 се бактерии кои лачат цијанотоксини. Од пред извесно време, нивно присуство се испитува во српскиот Институт за јавно здравје „Батут“ во Белград. Пребарувањето на ценовникот покажа дека цената на тоа што е потребно да се анализира од водата во велешкото езеро чини околу 13 илјади српски динари или 110 евра.
Дел од трската на крајбрежјето се остави за биолошките процеси во езерото, за мрестење на рибата, кое започнува во мај, кога настапува и забраната за риболов.
„Изворот на загадување на езерото не е еден, мораме да работиме на санација на повеќе локации за да дојдеме до задоволителни резултати. Досега не сме го спомнале езерското дно, каде се наталожени наслагите кои ги гледавме летоска на површината. Тие не исчезнаа, туку материјата се распадна и падна на дното“, рече Стојанова.
Деновиве, по крајбрежјето кај Отовичка Река во мал обем се појавија овие пласти со покачувањето на дневните температури.
П. ПЕЧКОВ



