Работниот век го минаа работејќи во пепел, кал, магли кога прст пред око да не се гледал, па само звукот на лентата за транспорт на јаглен во рудникот им била одредница каде да се движат. Потоа, на студ од минус 40 степени Целзиусови кога металот им се лепел за раката, до плус 40 кога на нив врнело пот како дожд, во силни невремиња кога не можеле да го видат колегата иако бил на метар оддалеченост до нив.
Во тешки работни услови мина работниот век на двајцата рудари рекордери по работен стаж во РЕК „Битола“. Заминуваат во пензија Џевдет Џеловски со 52 години работен стаж и Благојче Трипуновски со 44. Менаџментот на РЕК в очи утрешниот Ден на рударите им врачи пригодни подароци како благодарност за посветеноста и долгогодишниот ангажман. Директорот Пеце Матевски рече дека тие се великаните на РЕК.
„Работев на едно од најтешките работни места- ракувач надбункер на кота 47 каде буквално се давиш во прашина. Таков е системот не може да ја избегнеш. Но, ако човек си ја сака работата мора да издржи. Не ми требаше ни бравар, ни електричар, сам го откривав дефектот. За првпат кога дојдов во РЕК уште од првите денови почнавме да го пуштаме во работа вториот блок. Денес секој од трите блокови има по 6 бункери, а секој бункер троши по 300 тони јаглен. За работа на еден блок во смена потребни се 1.800 тони јаглен. Тоа се големи количини кои треба да се ископаат. Вложувавме крајни напори да го одржуваме системот во функција. Без РЕК нема живот во Македонија. Макотрпно работевме само да не дојде до испаѓање на блокот“, вели Џеловски.
Благојче Трипуновски по професија електричар, векот го помина работејќи на одлагачите, машини од чешко производство кои имаат капацитет на саат да фрлаат по 6.600 метри кубни јаловина.
„Ако за еден блок во една смена треба 1800 кубика јаглен, ние 7 или 8 пати повеќе фрлавме земја за да стигнеме до тој јаглен. Калови, заглавувања. Елан имаше многу поголем порано за работа, сите бевме млади, и работниците и инженерите. Не знаев јас дали е инженер или електричар, нон- стоп бевме сите заедно. Бев многу горд на мојата работа. Беа набавени чешки машини, од Чесите ја научиме работата. Сите директори лично ме знаеја. Кога ќе имаше дефект ќе прашаа дали сум јас на машина, ќе речеа ‘добро ќе заврши работа’“, вели Трипуновски.
Директорот на Рудници Димитар Петковски вели дека искусните кадри си заминуваат во пензија, а има се помалку млади заинтересирани за работа во рудниците поради тешките услови и платите.
„Вакви стручни кадри ни се потребни да ги обучат младите зашто ова се застарени машини и не можат да научат да ракуваат со нив во школо или на обука. Машините се стари по неколку децении, прототипови направени за рудниците. Им поминал и векот за искористување. Биле планирани да работат 30 години, а ние ги користиме 40 и со истата опрема работиме. Затоа е сè потешко да се отстрани дефект зашто на пазарот не можеме да набавиме резервни делови, фабриките што го произвеле затвориле, со војната во Украина не можат да се набават делови од Русија“, вели Петковски.
Од менаџментот додаваат и дека дел од кадрите им заминуваат да работат во странство или во ИТ фирми за повеќе пари. Од друга страна со задолжителното средно образование замре изучувањето на занаетите преку втор и трет степан во стручните училиштата, па сега недостигаат бравари, заварувачи, електричари и друго.
Ж. ЗДРАВКОВСКА