Дваесет и пет случаи на измами се евидентирани во СВР Тетово, во период од 1 јануари до 30 јуни, од кои 17 се случиле во Тетово и 8 во Гостивар. Во овој период до надлежен суд биле поднесени вкупно 32 кривични пријави од кои 15 за измами направени во Тетово и 17 во Гостивар.
Против 28 познати и 4 непознати сторители за сторено кривичните дела „измама“ и ,,компјутерска измама“ кои се случиле во текот на овој период има поднесени пријави.
„И во текот на оваа година, видот и начинот на извршување на измамите е сличен како и минатата година, како што се компјутерски измами, измами преку социјални мрежи, банкарски измами, измами при купопродажба и други видови на измами. Вреди да се спомне дека оваа година не се регистрирани измами со лажно организирање на свечености и семинари.
Секторот за компјутерски криминал ги советува граѓаните да бидат исклучително внимателни при комуникација со непознати лица кои нудат финансиски совети за заработка преку интернет. Никогаш да не се инсталираат апликации за далечински пристап на барање на непознати и да се внимава на повици од непознати или сомнителни телефонски броеви. Во случај на сомневање за измама, веднаш да се контактира банка која ја издала сметката и да се пријави случајот во Министерството за внатрешни работи“, апелираат од СВР Тетово.
Според Казнениот закон на Македонија тој што ќе направи ваква измама и во зависност од вредноста на штетата што била причинета, ќе биде казнет со затворска казна од 3 месеци до 10 години.
З. АНДОНОВ