Над 3,7 милиони евра годишно ќе бидат потребни за битолчани да добијат субвенционирана цена на електричната енергија, пишува во брошурата на здружението „Геосфера“, кое изработи детална анализа за загадениот воздух и мерките за надминување.
Во брошурата е посочено дека како контаминирано подрачје од загадувањето на РЕК „Битола“, потребно е да се достави барање за субвенционирана струја за сите граѓани на општина Битола по моделот 20 проценти намалување на сметките во износ од 5.000 денари месечно. Според податоците од ЕВН за бројот на домаќинства со потрошувачка над 300 киловат час годишно, би биле потребни 3,7 милиони евра годишно а субвенции. Таа сума ќе треба некој да ја субвенционира за битолчани да добијат поевтини сметки.
Регулаторната комисија за енергетика и по два и пол месеци не даде одговор од на прашањата, дали постои законска основа Битола да добие субвенционирана електрична енергија, бидејќи РЕК е на нејзина територија и таа трпи загадување.
Идејата за субвенционирана струја е стара, но во последно време сѐ почести се иницијативите за воведување на ваква поволност за битолчани. Советниците од независната листа „Поинаку“ од Советот на општина Битола побараа да почне иницијатива за организирано собирање на 10.000 потписи потребни за поднесување на предлог закон за заштита и намалување на влијанието врз животната средина од РЕК „Битола“.
Предлог законот според „Поинаку“ треба да предвиди субвенционирање на струјата за граѓаните на Битола, промена на филтрите во РЕК, преместување на седиштето на ЕЛЕМ во Битола, топловод за Битола и друго.
„Ние бараме започнување на иницијативата, не бараме Општина Битола да донесе закон. Ние бараме општина Битола да формира работна група составена од експерти. Да се донесе предлог закон поткрепен со 10.000 потписи заради алармантното загадување, алармантната состојба со здравјето на битолчани и зашто живееме во град со термоелектрана, па мора да најдеме начин како да се заштитиме“, изјави Габриела Илиевска од „Поинаку“.
Претседателот на Советот, Валентин Груевски, вели дека и локалната власт има интерес да се преземат мерки за заштита од загадувањето, но дека Советот ни по Законот за локална самоуправа, ни по Статутот на Општината не може да одлучува за работи што не се во локална надлежност. Тој се повикува на Деловникот на Советот член 27, во кој се вели дека советниците имаат право да покренуваат иницијативи за актуелно проблеми кои се во надлежност на Општината и на Статутот на Општината член 15, според кого, Општината самостојно ги врши работите од јавен интерес, кои се од локално значење и не се во надлежност на државната власт.
„За конкретните барања, ништо, апсолутно ништо, не е во надлежност на Советот. Ниту субвенционираната струја, ниту филтрите во РЕК, ниту седиштето на ЕЛЕМ, ниту пак топловодот. На почетокот на мандатот кажавме дека нема да ги лажеме граѓаните. А лага е ако им даваш надеж дека нешто ќе направиш а не можеш никако да ја завршиш работата“, напиша Груевски.
Сепак, ваква иницијатива иако не беше донесена на седница на Совет, не мора да згасне. Во согласност со Деловникот на Собранието на Македонија иницијатива за донесување на закон може да даде секој граѓанин, институции и здруженија со собирање на потписи од 10.000 граѓани. Да се соберат толку потписи не би требало да е проблем во град со изразена еколошка свест како Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА