ЗА ТЕТОВО ДА БИДЕ ПОЧИСТ ГРАД, ГРАЃАНИТЕ ТРЕБА ДА ГИ ПЛАЌААТ СМЕТКИТЕ, ВЕЛАТ ОД ФИРМАТА „САУБМАХЕР“, КОЈА ГО ЧИСТИ КОМУНАЛНИОТ ОТПАД

    ЗА ТЕТОВО ДА БИДЕ ПОЧИСТ ГРАД, ГРАЃАНИТЕ ТРЕБА ДА ГИ ПЛАЌААТ СМЕТКИТЕ, ВЕЛАТ ОД ФИРМАТА „САУБМАХЕР“, КОЈА ГО ЧИСТИ КОМУНАЛНИОТ ОТПАДОд „Саубмахер“ велат дека за една година ја подобриле состојбата со отстранувањето на отпадот од градот (Фото: СДК.МК)

    Фирмата „Саубмахер“, која од минатата година го презеде отстранувањето на комуналниот отпад во Општина Тетово, ја одбележа првата годишнина од својата работа во Општината. Велат дека за една година ја подобриле состојбата со отстранувањето на отпадот од градот, нивните работници сега редовно земаат плата и дека е значително подобрена наплатата на услугите, иако уште има граѓани кои не ги плаќаат сметките.

    „Кога пред една година многумина се прашаа дали ќе успееме во ова, дали ќе има добар резултат, јас тогаш реков ќе успееме и еве, сега по една година уште сум тука. Благодарам што можеме да работиме за градот Тетово. И во иднина ќе се трудиме да работиме во оваа област, ќе соработуваме и со јавноста и ќе планираме активности со училиштата. Не сакаме само да ги празниме контејнерите, туку сакаме да ја јакнеме свеста на граѓаните и како гости да дадеме наш придонес за градот Тетово. Кога почнавме со работата, наплатата на сметките беше 25 проценти, а сега изнесува околу 65 проценти. Јас мислам дека ако ние дадеме добри услуги, тогаш ќе успееме да ги мотивираме граѓаните да ги плаќаат своите сметки, а тие ќе го наградат нашиот труд“, рече Ханс Рут, сопственик на „Саубмахер“, на форумот за животна средина кој се организира во Тетово.

    Од работата на тетовските комуналци задоволен е и градоначалникот Билал Касами. Вели дека сега ги нема оние проблеми кога секојдневно беше преокупиран со состојбата со хигиената во градот и со ненавременото отстранување на сметот.

    „Многу сум задоволен, затоа што по една година, јас како градоначалник, го немам проблемот секој месец вработените да ми тропаат на врата затоа што 3-4 месеци не земале плата. Го немам веќе проблемот постојано да ми ѕвони телефонот од депонијата и да ми кажуваат дека таа ќе се затвори ако не се плаќаат фактурите. Тој проблем сега е решен. Вработените редовно ги примаат платите, осигурани се, ги имаат најдобрите услови во државата во делот на работните простории и работните услови. ‘Саубмахер’ редовно ја сервисира депонијата Русино. Сега треба да го решиме проблемот со адресите на граѓаните за да можат да ги добиваат сметките, како и проблемот со оној дел од граѓаните кои не ги плаќаат сметките за отстранување на комуналниот смет“, вели Касами.

    Минатата година, со потпишување договор за јавно-приватно партнерство, работата со подигањето и транспортот на комуналниот отпад премина во рацете на австриско-словенечката фирма „Саубмахер“. Од оваа фирма набавија повеќе камиони за носење на сметот и ги задржаа речиси сите дотогашни вработени, на кои им ги исплатија заостанатите плати и давачки за придонеси.

    З. АНДОНОВ

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира