Општина Велес за шест месеци платила 25,7 милиони денари (над 400.000 евра) повеќе од платените сметки за претходната година за улично осветлување. Толкави се пресметките кои локалната власт ги направи за изминатиот период, откако универзалниот снабдувач на 30 септември лани еднострано го прекина договорот, па струјата ја набавуваа на слободниот пазар по берзански цени.
„Општина Велес беше силно погодена од едностраното раскинување на договорот од набавувачот и набавката по берзанска цена. Сметките од 1 и 1,5 милиони денари, пред енергетската криза стасаа до осум милиони денари. Новите сметки се сериозна сума на средства, општинскиот буџет е лимитиран. Сметките ги плаќавме со средства кои ги пренаменивме, а беа за решавање на комунални проблеми, за спорт, рекреација, за култура. Не сакавме да одиме на рестриктивни мерки, гаснење на струјата во одделни делови на градот“, кажа градоначалникот Марко Колев.
Тој кажа дека со исплатените пари за улично осветлување, изгубени се реконструкции на улици, загаснаа одделни програми од буџетот.
„Добро е тоа што во 2020 година кога ЈП ‘Парк, спорт’ се трансформираше и за паркинзи, била додадена шифра за дејност улично осветлување. Ја искористивме таа можност и уличното осветлување го делегиравме на ова ЈП и од април сметките кои ги добиваме се далеку со помала вредност. Плаќавме 20 денари за киловат, а со новата состојба ќе плаќаме 7 денари, што е многу голема разлика. Сметката за април очекувам да биде помеѓу 1,5 до 2 милиони денари и со тоа можеме да ги сервисираме долговите“, кажа Колев.
Со одлука на Советот, од април сметките за улично осветлување се префрлени на ЈП „Парк, спорт и паркинзи“ кое, бидејќи е до 50 вработени со приход до 2 милиони евра, може да набавува електрична енергија на регулираниот пазар. Таму државата дала можност цените да ги определува Државната комисија за енергетика и тие во пракса се под на берзанските.
П. ПЕЧКОВ