ЗА ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО ТРЕБА КВАЛИТЕТНИ ПРАВНИЦИ, А НЕ ДУРИ 24 ПРАВНИ ФАКУЛТЕТИ, ВЕЛАТ ОД ИНСТИТУТОТ „ЈУРИДИКА ПРИМА“

    ЗА ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО ТРЕБА КВАЛИТЕТНИ ПРАВНИЦИ, А НЕ ДУРИ 24 ПРАВНИ ФАКУЛТЕТИ, ВЕЛАТ ОД ИНСТИТУТОТ „ЈУРИДИКА ПРИМА“Од институтот сметаат дека треба освен што треба да се продуцираат квалитетни правнички кадри, законодавната власт треба да носи и квалитетни закони. (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на Институтот за економски и правни истражувања „Јуридика Прима“ Ангел Ристов вели дека во државата повеќе треба да се поведе сметка за квалитетот на правничкиот кадар како важен предуслов за правилна примена на правото отколку да имаме дури 24 правни факултети. Тој ова го кажа на меѓународниот симпозиум за улогата и значењето на правната држава за владеење на правото и неговата примена во практиката што се одржува во Струмица, а присуствуваат голем број на судии, јавни обвинители, нотари, извршители, адвокати од земјава но и од Бугарија, Хрватска, Србија и Црна Гора.

    „За да има владеење на правото, треба да има квалитетни закони и квалитетни правници а во земјава има дури 24 правни факултети. Замислете дали на една држава и се потребни дури 24 правни факултети. Правото е како медицината, ако имате правник кој ќе даде погрешна дијагноза тогаш правилно нема да биде применето правото. Затоа треба да се преземат чекори и размислувања за квалитетот на правничката професија но и каков профил на правник во иднина ни е потребен за да имаме квалитетна правда дистрибуирана до граѓаните“, истакна професор доктор Ангел Ристов претседател на институтот.

    Од овој институт сметаат дека треба освен што треба да се продуцираат квалитетни правнички кадри, законодавната власт треба да носи и квалитетни закони. Истите да се носат во консултација со практичарите оти досега се носеле законски решенија кои тешко се применувале во праксата.

    „Потребна е поширока дебата и расправа за да не се носат бирократски закони кои потоа одат на штета на граѓаните затоа освен засегнатата страна потребно е да се консултираат и практичарите“, вели Ристов.

    Меѓународната научна и стручна конференција во Струмица е во согласност со процесот на отворање на пристапните преговори со ЕУ и поглавјето 23 правосудство. Ристов смета дека правниците од државата се обединети да одговорат на барањата.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира