Битолската Саат-кула со децении го чува стариот хармониум, дел од некогашниот саатен механизам кој овозможувал часовникот да одѕвонува песни. За староста на хармониумот има две претпоставки. Едната дека е стар безмалку еден век односно 90 години и дека помагал да се отчукува „Билјана платно белеше“, а другата дека има 64 години и дека бил монтиран да поддржува изведба на партизански песни.
Хроничарот Александар Стерјовски смета дека хармониумот бил донесен заедно со стариот саатен механизам во 1936 година како знак на благодарност од Германија, зашто Битола им дала земјиште за изградба на Германските гробишта каде биле погребани над 3.000 војници загинати на Македонскиот фронт во Првата светска војна.
Како потврда на ова е и плочката, која и денес е зачувана на инструментот, дека е во производство на фабрички бренд „Едвард Корфаге и синовите“ од Оснабрик, Германија, од кои беше изработен стариот саатен механизам.

Плочката, која и денес е зачувана на инструментот, дека е во производство на фабрички бренд „Едвард Корфаге и синовите“ од Оснабрик, Германија, од кои беше изработен стариот саатен механизам на Саат-кулата. (Фото: СДК.МК)
На таблата до Саат-кулата поставена пред неколку години пишува дека саатниот механизам во 1962 година бил повторно обновен и поставена клавијатура.
Според записите на Ѓорги Лазаревски, кој ја истражувал соработката меѓу Битола и Германија, додека бил наставник по дополнителна настава по македонски јазик во германскиот град Зинденфинген од 1987 до 1994, Кулата уште во 1936 одѕвонувала три мелодии, меѓу кои и македонската „Билјана платно белеше“.

Хармониумот бил составен дел до звучниот механизам на часовникот поврзан со магнет што ги привлекувал чеканчињата да удираат во 15 ѕвона тешки 900 килограми и ги одѕвонувале тоновите еден по друг, па така настанувала песната.(Фото: СДК.МК)
Хармониумот содржи октава и половина, а преку неа порано рачно се подесувале песните по кои одзвонувале камбаните од Саат-кулата. До денес е зачувано упатството за работа од германската компанија, преведено на српско-хрватски јазик. Според него, хармониумот бил составен дел до звучниот механизам на часовникот поврзан со магнет што ги привлекувал чеканчињата да удираат во 15 ѕвона тешки 900 килограми и ги одѕвонувале тоновите еден по друг, па така настанувала песната.
Низ годините саатниот механизмот беше двапати репариран, последно во 2009 од кога се користи и посовремен начин на изведување на единствената мелодија „Битола мој роден крај“.
Во иднина хармониумот може да биде интересен музејски експонат кој би сведочел за битолската богата музичка историја.
Ж. ЗДРАВКОВСКА





