Триесетина лица од тетовските села Брвеница и Долно Седларце вчера се пожалиле дека имаат стомачни проблеми, дијареа и повраќање и побарале лекарска помош. Бидејќи не пројавиле некоја потешка клиничка слика, ниту еден од нив не е задржан во болница. До целосно испутување за потеклото на здравствените проблеми, во овие две села се забранува употреба вода за пиење од локалниот водовод.
Причината за ова најверојатно е поради поправката на водната пумпа на еден од бунарите преку кои селата се снабдуваат со вода за пиење.
„Изгоре една пумпа на бунар од каде црпиме вода и таа мораше таа да се смени. Во Општина Брвеница имаме 10 бунари од каде вода се зема со пумпи од длабочина до 40 метри, изворска вода немаме. Ние како Општина не може да кажеме каква е водата. Можно и во други села има такви појави поради високи температури. Издадовме препорака водата да не се пие се додека од Центарот за јавно здравје не се добијат резултатите. Тие ќе утврдат точно каква е состојбата на водата“, вели Енвер Пајазити, градоначалник на Општина Брвеница.
Од Центарот за јавно здравје во Тетово велат дека јули и јули се месеци кога се чести вакви стомачни заболувања. Поради намалената штедрост на изворите и големата потрошувачка на водата може да се случи преку пумпите да се повлече калојна што е честа причина за загадување на водата.
„Најверојатно тука станува збор за колиформични бактерии кои се нашле во водата и кои можат да предизвикаат вакви тегоби. Можно е тоа да се случило додека траела замената на прегорената пумпа на еден од бунарите. Земени се мостри од водата и утре ќе ги имаме бактериолошките резултати со кои точно ќе утврдиме за какво загадување на водата станува збор, а до тогаш препорачуваме водата да не се користи за пиење. Инаку, водоводот во Брвеница добро се одржува, водата редовно се хлорира, а Општината има склучено договор со Центарот за јавно здравје за редовно испитување на здравствениот квалитет на водата. Слични случаи деновиве имаше и во соседните села Фалише и Сараќино, но тие со вода се снабдуваат од друг водовод. Таму имало помал број лица се пожалиле на тегоби, а сите исто така биле со лесна клиничка слика. Намалената штедрост на изворите заедно со големата потрошувачка на вода и нередовното одржување на изворскиот и водоводниот систем, посебно што некои во некои водоводи водата воопшто не се хлорира, се најчестите причини за вакви здравствени нарушувања“, вели д-р Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје од Тетово.
З. АНДОНОВ